Бербер од Ливерпул, Велика Британија, патувал низ светот, потстрижувајќи луѓе на неверојатни локации, со што си го заслужил прекарот „Берберот Номад“. Тој сега поседува два салони, еден во Лондон и еден во Берлин, но во 2013 година се впуштил во авантура која му го променила животот, пропатувајќи низ 20 земји меѓу кои Грција, Курдистан и Ирак, сѐ со цел да си го усоврши својот занает.
Мигуел Гутиерез се решил на ваков чекор сакајќи да види како овој стар занает се менувал од место до место. Придружен од камерман, тој се дал на едногодишно патување со ранецот на грбот. Првин се нашол во Атина, за потоа да се упати во Турција и оттаму преку Блискиот Исток и Индија, па низ Азија. Ги набљудувал своите колеги од Сингапур, Камбоџа, Тајланд, Виетнам, Непал и Дубаи. За него најневообичаеното место кое го посетил е Курдистан во северен Ирак. Притоа тој потстрижувал локални жители или туристи на плажи, паркови или на улица, впуштајќи се во разговор со нив, документирајќи го своето патешествие. Неговата авантура била импровизирана и рутите често спонтано се менувале, овозможувајќи му да се запознае со нови луѓе.