Кога вашиот автомобил би одел на ториум, никогаш не би морале да го полните резервоарот. Поскоро ќе се истроши самиот автомобил отколку горивото. Всушност, ториумот ќе трае толку долго, што веројатно ќе ве надживее и вас. Затоа компанијата наречена Laser Power Systems создаде концепт за автомобилски мотор на погон на ториум. Елементот е радиоактивен, и тимот користи дел од него за да се произведе ласерски зрак кој загрева вода, произведува пареа и ја придвижува турбината која произведува енергија.
Ториумот е еден од најгустите материјали на планетата. Еден мал примерок од него содржи 20 милиони пати повеќе енергија од парче јаглен со слична големина, што го прави идеален извор на енергија.
Работата е во тоа што моторите на ториумски погон нема наскоро да се најдат во автомобилите.
„Автомобилите не ни се од основен интерес“, вели д-р Чарлс Стивенс, извршниот директор на Laser Power Systems, „производителите на автомобили не се заинтересирани за нив.“
Тој вели дека автомобилската индустрија е премногу сосредоточена на заработување пари со бензинските мотори и ќе треба да поминат најмалку неколку децении за ториумска технологија да почне да се произведува и во други технологии како автомобилската, кога производителите ќе го преосмислат начинот на кој размислуваат за моторите.
„Го градиме ова за да му дадеме енергија на целиот свет“, вели Стивенс. Тој верува дека ториумска турбина со големина на еден клима уред може да обезбеди евтина енергија за ресторани, хотели, административни згради, па дури и мали гратчиња низ светот кои се со слабо или никакво електрично снабдување. На крајот, ториумот може да почне да се употребува и за енергија на поединечните домаќинства и домови.
Стивенс разбира дека луѓето би можеле да бидат резервирани кон ториумот поради неговата радиоактивност, но таквите стравови се неосновани, вели тој.
„Радијацијата која се развива од едно од овие нешта може да се изолира со еден обичен лист алуминиумска фолија. Повеќе ќе се озрачите со рентгенскиот преглед на забите, отколку со ова.“