Овој неразделен пар кучиња скитници од Велика Британија е еден од најмоќните примери за постоењето на пријателство и кај животните. Глен, Џек Расел териер, е трајно ослепено куче, и се потпира на неговиот најдобар другар Баз, стефордширски бул териер, за да се снаоѓа низ секојдневието. Двете кучиња биле најдени во морски тунел во северна Англија и оттогаш се постојано заедно – кога се разделени стануваат нервозни и немирни.
Во моментот тие се науѓаат во центарот за спасување на животни во Коксо, Дарам, недалеку од Хартлпул, местото кадешто биле најдени. Глен го следи Баз каде и да оди, а Баз на слепиот другар му помага да си ја најде чинијата со храна, куќичката и леглото, поттурнувајќи го секогаш кога ќе застрани.
Персоналот нема конкретни информации за поранешниот живот на кучињата, но веруваат дека и двете се стари околу девет или десет години и дека долго време се заедно. Тие бараат тивок дом во кој ќе си ги проживеат последните денови – пожелно кај некој пензионер.