Запознајте се со Роко, големата дога. Висок 2,3 метри исправен на задните нозе и со нозе долги еден метар од шепата до рамото – Роко се бори да влезе во Гинисовата книга на рекорди како највисокото живо куче на светот. За неговите сопственици Ник Хелмс и Џесика Вилијамс нивното џиновско милениче – кое е со големина речиси еднаква на пони – се покажа како полни раце работа.
„Немавме поим дека ќе порасне толку голем“, споделува 26-годишната Џесика. „Кога имаше осум недели, тој беше поголем од неговите сестри, но знаејќи дека мажјаците вообичаено се поголеми, мислевме дека тоа е нормално. Но, мојата најдобра пријателка чува доги, и тоа веќе подолго време, и таа постојано велеше колку е голем. Еден од нивните мажјаци исто така е голем, но Роко толку бргу го надрасна, што беше лудо. Ние имаме вистински џин во нашите раце.“
Нејзиното 25-годишно момче додава: „Кога порасна толку, си помисливме – о Боже мој, дали тој е половина дога или половина пони? Не можевме да поверуваме.“ Кога го добиле Роко на осумнеделна возраст, тој бил со големина на шестмесечен лабраор и не престанал да расте оттогаш. Сега тој е на возраст од две години и е вистинска дефиниција за нежен џин, може да отвора врати и пие директно од кујнската чешма. Ноќе јаде по осум чинии храна и многу сака грицки.
Но, за Ник и Џесика, да чуваат толку големо животно заедно со нив во нивниот мал двособен стан во Рено, Невада, си има и свои недостатоци. Џесика е висока само 160 сантиметри и нејзиното џиновско милениче постојано ја соборува. Таа веќе носела модро око откако Роко случајно и седнал на лицето, а покрај тоа кучето постојано ги „камшикува“ со огромната опашла. Покрај тоа, кога Роко во неколку наврати се ослободил од неговиот ремен за време на прошетките, создал вистинска паника кај минувачите.
„Тој едноставно ќе најде нешто поинтересно од нас и ќе се стрча по плажата и слушате врисоци од секаде. Катастрофа.“
„Најлошо е кога има мали деца“, додава Џесика, „Луѓето минуват од другата страна на улицата за да нѐ избегнат, како божем ќе ги изеде. А од друга страна, луѓето сакаат да се сликаат, прашуваат за него….Тој не се променил уште од кога беше кутре, сѐ уште се однесува како кутре. Сака внимание и сака да комуницира….Има многу мека душа. Завива кон телевизорот ако види друго животно да страда, мислам дека емоционално повеќе се приврзува од повеќето кучиња.“