Отсекогаш сум бил голем комунист, но се напатив. Си ја одлежав пресудата со доблест и непоколеблива љубов кон партијата. Еве како сето тоа започна.
Бев претседател на КПМ. На посета ни дојде првиот секретар на ОК на КПЈ, заедно со членовите на ЦК на КПЈ. Влеговме во салата за банкет а таму на ѕидот висеше портретот на Јосип Броз Тито и на кравата која дава најмногу млеко. Другарот Петрович, ми нареди:
– Веднаш да го фрлиш ова говедо од ѕидот!
– Кое поточно?
Следеше апсење и осудување на 3 години затвор лесен режим. Таму ме назначија за диригент на аматерскиот хор. При една посета на судии на Врховниот суд, ни беше наредено да организираме концерт за високите гости. Јас бев воодушевен и еуфорично најавив:
– Затвореничкиот хор составен од арамии, крадци и насилници, ќе ја исполни песната „Од тебе учиме партијо моја“.
Ми ја продолжија пресудата за уште 3 години. И ме преместија во каменолом.
Таму ме назначија за бригадир. Со полна сила работев за општо добро. Се наближуваше националниот празник 11 октомври – денот на востанието и решив да направам плакат, кој го залепив на влезот на каменоломот.
„Во чест на 11 октомври, повеќе камења за партијата!“.
Ми ја продолжија пресудата за уште 5 год. И така се до 1991 година…