10-месечни браќа близнаци од Кина боледуваат од имунолошко нарушување наречено Хронична грануломатозна болест.
Лекарите им кажале на нивните родители дека нема да ја доживеат втората година од нивните животи. Им било кажано дека на децата им е потребна трансплантација која ќе чини милион јуани, односно околу 115.000 евра.
Бидејќи родителите немале доволно средства за да ги спасат и двете деца, од очај се решиле близнаците сами да извлечат ждрепка со која ќе се одлучи кое дете ќе ја добие операцијата и ќе преживее. Родителите им дале прекари на бебињата, „Здрав“ и „Среќен“.
Хронична грануломатозна болест е наследна болест на примарна имунодефициенција што значи дека дел од имуниот систем на телото недостасува или функционира неправилно. Состојбата ја зголемува подложноста на телото на инфекции предизвикани од одредени бактерии и габи.
Се дијагностицира кај еден на 500.000 луѓе секоја година. Поради нивната состојба, дури и блага инфекција која може да се излечи со антибиотици кај здрави луѓе може да ги убие „Здрав“ и „Среќен“.
Постариот близнак го извлекол ливчето на кое пишувало „да се спаси“, но неговиот татко Киу и неговата мајка Денг сепак биле неутешни. За среќа бабата на близнаците не можела да се помири со фактот дека само еден од внуците ќе преживее и ја известила јавноста за ситуацијата.
Кинеската фондација за хуманитарна помош за деца дознала за болеста на близнаците и контактирала со семејството. Тие сѐ уште ги собираат потребните средства и секој ден се поблиску до целта. Моментално имаат соберено околу 90.000 евра од над 23.000 хумани граѓани.