Не само што дрвјата нѐ снабдуваат со кислород, туку помагаат луѓето да бидат поздрави, посреќни и побогати. Во една неодамна објавена студија се истакнуваат некои помалку познати придобивки од живеењето во близина на дрвја. Според истражувачи од Чикашкиот универзитет, како и други организации од Торонто:

…луѓето коишто живеат во соседства со многу дрвја по улиците се значително поздрави и имаат значително помалку срцеви заболувања и проблеми со метаболизмот. Дознаваме дека со десет повеќе дрвја во соседството во просек се подобрува здравјето и расположението слично како кога вашата годишна плата би се згоелмила за 10.000 долари, правејќи да се чувствувате во просек седум години помлади.

Истражувачите започнале со Торонто, локација со многу дрвја во населените области. Тие откриле дека „луѓето коишто живеат во блокови засадени со дрвја поретко пријавуваат нарушени здравствени состојби како висок крвен притисок, зголемена тежина, срцеви болести и дијабетес.“

Tree

Според Марк Бергман, лидер на тимот:

Истражувачите не знаат зошто тоа е така. Дали е поради тоа што дрвјата го прочистуваат воздухот? Дали дрвјата ги охрабруваат луѓето да излезат надвор и да вежбаат повеќе? Дали е поради естетската убавина? Треба да го дознаеме тоа.

Но, се забележува и една интересна врска помеѓу областите богати со дрвја и животниот стандард на луѓето. Писателот Брајан Мерчант во својата статија „Како од вселената да ја препознаете нееднаквоста: Барајте таму кадешто има дрвја.“, пишува:

За секој еден процент зголемување во приходот, побарувачката за пошуменост се зголемува за 1.76 проценти. Но кога приходот ќе опадне за истиот износ, побарувачката за пошуменост опаѓа за 1.26 проценти. Истражувачите сметаат дека побогатите градови можат да си дозволат повеќе дрвја, во приватниот, како и на јавниот простор.

Според сето ова, дали луѓето сакаат да живеат во близина на дрвја поради тоа што веќе се богати и здрави или затоа што дрвјата придонесуваат за нивната долговечност и успех во животот? Истражувачите не успеале да дадат конечен одговор на тоа. Но, од друга страна и не ни требаат истражувачи да ни кажат дека колку повеќе природа има околу нас, толку поприродно и поздраво се чувствуваме.

Сподели на Facebook
пати видено