Освен со историја, нашата култура е богата со народни приказни, легенди, традиции и обичаи. Македонскиот народ уште од дамнешни времиња ги толкувал „знаците“ кои им ги давале животните со цел да ја предвидат иднината. Смртта е најголемиот страв на човекот и поради тоа голем број на животни и нивното однесување биле поврзувани како носители или гласници на смртта.

Птици

Був

Звуците што ги прави бувот се поврзани со верувањето дека се знак или претскажување дека нешто лошо ќе се случи. Во минатото, во македонските села и другите рурални средини, се верувало дека ако бувот се спушти на покривот на нечија куќа или дојде во селото, не само што сопственикот на куќата ќе умре, туку и дека птицата носи други лоши вести за целото село.

Гавран

Гавранот е познат како птица која служи како гласник на смртта во многу култури. Во македонските народни верувања, кога гаврани грака, се верува дека птицата „носи лоши вести“. Во Малешевскиот регион доколку гавранот слета на некоја куќа, значи дека сопственикот наскоро ќе умре.

Кукавица

Кукавицата има двојно значење во нашите народни верувања. Едното е дека ако кукавица пее на покривот на нечија куќа или во близина на куќата, од своето гнездо, наутро, тоа значи дека нешто добро ќе се случи. Но, ако птицата пее ноќе, тоа значи дека ја предвидува смртта на некој што живее во куќата или во соседството каде што слетала.

Змија

Пред христијанството, змијата се толкувала како добро животно и како чувар на куќата. Подоцна змијата се смета за нешто лошо и злобно. Сепак постои верување дека доколку змија се „всели“ во домот или дворот на некое семејство, никој не смее да ја убие, затоа што смртта на „домашната змија“ ќе донесе смрт или болест на некој од семејството.

Куче

Во македонските народни верувања, завивањето на кучето е знак дека нешто лошо ќе му се случи на сопственикот или на куќата или семејството каде што завива кучето. Многу луѓе веруваат дека кога кучето квичи под некој прозорец, таа личност ќе умре наскоро.

Свиња

Според одредени верувања доколку свињата почне да копа под прагот наскоро ќе има гроб и дека ги претскажува лошите работи што ќе се случат со тоа семејство и нивната куќа.

Иако денес овие верувања се помалку застапени, сепак сите ние познаваме повозрасна личност, која се уште чувствува страв кога ќе ги забележи овие „знаци“ од животните. Суеверијата ќе си останат суеверија, но сепак е убаво одвреме-навреме да се потсетуваме на народните верувања оставени од нашите предци.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.

Сподели на Facebook
пати видено