Сите добро знаеме каде се наоѓа градот Куманово. Бучен град, познат по добрата смисла за хумор, Батко Ѓорѓија, кумановскиот мезалак, добрата ракија и сè што носи боемскиот живот. Иако за првпат Куманово е опишано од познатиот патописец Евлија Челебија, историјата за неговите почетоци почнува од времето на племето Кумани. Номадски народ кој оставил свое наследство и традиција на мнгу територии од Кина па сè до Македонија.
Според некои тврдења Куманите биле номадски народ со турско потекло и тие ја сочинувале западната гранка на конфедерацијата Куман-Кипчак. По монголската инвазија (1237), многумина побарале азил во Унгарија. Голем дел од Куманите се населиле на територија во Унгарија, Бугарија, Македонија и Турција пред инвазијата.
Поврзани со Печенег, тие живееле во областа северно од Црното Море и по течението на реката Волга позната како Куманија. Куманите биле жестоки и силни номадски воини на евроазиската степа, кои имале долготрајно влијание врз средновековниот Балкан. Тие биле бројни, културно софистицирани и воено моќни. Куманите имале големо влијание врз политиките на повеќе држави како што се Втората Бугарска Империја, Кралството Србија, Кралството Унгарија, Молдавија, Кралство Грузија, Византиската империја, Империјата на Никеја, Латинската империја, Валахија и други, при што емигрантите од Кумани се интегрирале во елитата на секоја земја.
Куманите имале и свој јазик. Кодексот Куманикус бил лингвистички прирачник кој бил напишан за да им помогне на католичките мисионери да комуницираат со луѓето од Кумани. Основниот инструмент на политичкиот успех на Куманите била воената сила, која доминирала во секоја од завојуваните балкански фракции. Групите на Куманите се населувале и се мешале со локалното население во регионите на Балканот.
Постојат повеќе дискусии за потеклото на Куманите, додека одредени автори тврдат дека потекнуваат од Кина, според Плиниј Помладиот, нивното потекло лежи во областа на Дербент (Дагестан, Русија). Иако тие имале големо влијание во сите споменати држави, сепак не успеале да формираат сопствена држава и се вклопиле со Европското население.
Куманите најмногу ги сакале коњите и затоа одгледувале најмногу коњи, овци, кози и слично, а исто така се занимавале и со земјоделство и занаетчиство. Што се однесува до религијата племето Кумани практикувало шаманизам и тенгризам. Тие ги славеле своите предци и на мртвите во гробовите им ставале скапоцености кои го отсликувале нивниот ранг во општеството.
Според едно генетско истражување спороведено на остатоци пронајдени на погребни места на Куманите во Унгарија, е утврдено дека тие имале значително повеќе западни евро-азиски митохондријални ДНК лози.
Куманово не е единствениот град оставен од Куманите, исто така Куманичево во областа Костур (Касторија) во Грција, кое било преименувано во Литија, откако Грција ја добила оваа територија во Букурешкиот договор од 1913 година, Команести во Романија, селото Коман во Иран, степите северно од Кавказските Планини, познати како Кубан, како и реката Кубан, селото Кумане во Србија, селото Куманица, во општина Ивањица, Србија, Куман-сан планински врв во Јужна Кореја, градот Куман во Узбекистан, како и многу други градови, населби и места именувани според древните Кумани.
Денес, иако постојат малку информации за историјата на Куманите, во Куманово преку традицијата, песните, навивачките групи сè уште се негува споменот за племето Кумани.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.