Породувањето вообичаено е искуство на кое мајката се сеќава цел живот – но тоа не е така со Колвина Џолин. Претрпувајќи излив на крв во мозокот кој ја пратил во долга кома, младата жена дознала дека родила бебе дури кога се освестила неколку недели по раѓањето. Во еден миг за време на нејзиниот тримесечен длабок сон ѝ биле дадени само три проценти шанса дека ќе успее, а нејзиното пред време родено бебе Маја морало два пати да биде реанимирано. „Вистинско чудо е што и двете преживеавме“, вели Колвина.
Присетувајќи се на моментот кога се разбудила во февруари за да дознае дека имала шестмесечна ќерка, таа вели: „Кога се освестив, инстинктивно знаев дека сум се породила и дека моето бебе е во ред. Беше прекрасно за првпат да ја земам в раце. Да ја чувствувам блиску до мене. Бев обземена од чувства.“
Младата мајка била во совршено здравје сѐ до ноември минатата година кога во дваесет и третата недела на бременоста почувствувала силна главоболка додека работела по дома. Викнала по нејзиниот сопруг Мет и потоа се онесвестила. Брзата помош ја одвела во болницата „Кралица Александра“ во Портсмут, кадешто лекарите увиделе дека ѝ е неопходна мозочна хируршка интервенција од страна на специјалисти во општата болница во Саутемптон, на 35.5 километри оддалеченост. На нејзиното семејство му било кажано дека шансите да го преживее патот се еден на десет – но дека без операција ќе умре со сигурност. Во Саутемптон таа била итно однесена во операционата сала. Консултантот за интензивна нега д-р Енди Ејнон раскажува: „Во рамките на десет минути, нејзиниот череп беше отворен и ѝ беше отстранет голем јазол.“
Крварењето предизвикало голем притисок, објаснува тој, присилувајќи го мозокот да остане само на продолжениот мозок кој ги контролира дишењето, работата на срцето и крвниот притисок.
„Се плашевме дека притисокот можеби повлијаел на крвотокот во утробата. Па така, додека ја спасувавме Колвина, се грижевме да се осигураме сѐ да биде во ред и со нејзината бременост.“
Нејзиниот триесетгодишен сопруг Мет, трговец со недвижнини, изјавил: „Неврохирургот излезе, ме погледна в очи и кажа – Ја опериравме Колвина многу брзо и никогаш не сум видел некој да преживее вака. Но таа е млада. Тоа беше најлошиот миг во мојот живот, помислата и двете да ги изгубам.“
Операцијата била успешна и состојбана на Колвина се стабилизирала, иако таа сѐ уште се наоѓала во кома. Но, лекарите не знаеле дали таа ќе успее да го задржи своето неродено бебе. Во текот на следните недели, Сју Валдер, мајката на Колвина, забележала дека нејзината ќерка постојано ја придвижувала раката како да сака да го потрие својот стомак.
„Како сѐ уште да чувствуваше дека е бремена“, раскажува таа. Во дваесет и деветтата недела, Колвина се породила, при што ќерката Маја била родена со помош на царски рез. Д-р Енјон вели дека било неверојатно редок настан жена да се породи додека е во кома. „Во моите тринаесет година на невро-интензивна грежа во нашата болница имаше само три вакви случаи“, вели тој.
Маја, којашто тежела само 1.4 килограми, морала двапати да биде реанимирана, а потоа била ставена во инкубатор за време на кревките денови, далеку од нејзината сѐ уште несвесна мајка. Мет раскажува дека била толку малечка што можел да ја собере в дланка. Седум седмици подоцна, Колвина започнала да покажува знаци на свест, мавнувајќи со раката кога еден ден мајка ѝ ѝ кажала „здраво“. Полека освествајќи се, таа го потчукнала нејзиниот зглоб и ги протресла рацете, сигнализирајќи на персоналот дека дознала дека се породила и сакала да го види своето бебе.
Таа раскажува: „Знам дека звучи глупаво, но не се сеќавам дека не ја имав. Како секогаш да ми беше тука, иако јас бев во кома кога таа се родила.“ Маја сега е стара речиси еда година, вревејќи наоколу во домот на нејзините родители во Хорндин. Колвина пак научила да оди, иако на едната страна има постојана мускулна слабост и сѐ уште не успеала наполно да го поврати говорот.
Консултантот за рехабилитација Алисон Хетфилд изјавила дека на Колвина, којашто пред изливот работела како медицинска сестра на интензивна нега, до сега ѝ оди брилијантно. „Се познава кога пациентот се труди, а Колвина е поттикната од желбата да може самата да се грижи за Маја. Нејзиното малечко ѝ ги поставува нејзините цели“, вели таа.