Во древниот град Олимпија во Грција минатата година беше отворен нов музеј, посветен на технолошките пронајдоци на старогрчкиот научник Архимед. Реконструирани се повеќе од педесет неверојатни старогрчки пронајдоци, вклучувајќи го Архимедовиот навој, роботот-слуга на Филон, автоматскиот театар на Херон, древните воени машини, и се разбира, механизмот од Антикитера.
Музејот бил иницијатива на инженерот Костас Коцанас кој исто така е основач и на Музејот на старогрчката технологија во Катаколо, јужна Грција. Според Коцанас, музејот цели кон тоа да ги осветли и најнепознатите аспекти на научната работа на Архимед, што покажува дека технологијата на старите Грци не била далеку од почетоците на современата технологија.
Во редовите кои следуваат ќе можете да прочитате за пет неверојатни технолошки концепти, изложени во овој музеј.
Роботот-слуга на Филон
Филон од Византион, познат и како Филон Механичарот, бил грчки инженер и автор на дела за механиката, кој живеел за време на втората половина на 3-от век пр.н.е. Помеѓу многуте негови пронајдоци е и човеколик робот во форма на слугинка којашто држела бокал вино во нејзината десна рака. Кога гостинот ќе поставел чаша во нејзината лева рака, машината автоматски сипувала вино, а потоа вода, мешајќи ги според желба. Роботот бил создаден со сложена конструкција која се состоела од контејнери, цевки и пружини, кои си содејствувале едни на други преку разликите во тежината, воздушниот притисок и вакуумот. Резултатот бил најстариот познат робот, создаден од човек.
Архимедовиот навој
Архимед од Сиракуза (287 – 212 г.пр. н.е.) бил старогрчки математичар, физичар, инженер, пронаоѓач и астроном. Иако се познати малку детали од неговиот живот, тој се смета за еден од водечките научници во стара Грција. Голем дел од неговите инженерски дела се родиле во пресрет на потребите на неговиот роден град Сиракуза.
Кралот Хиерон II го најмил Архимед да конструира огромен брод, наречен Сиракузиа, којшто ќе можел да носи 600 луѓе и би можел да биде користен за луксузни патувања, пренесување на набавки, но се разбира и како воен брод. Бидејќи брод со таква големина подразбирал и протекување на значително количество вода, Архимедовиот навој наводно бил развиен за отстранување на вода. Направата била замислена како винт вметнат во цевка или во цилиндричен жлеб. Винтот бил вртен со раце и можел да испумпува вода од пониски места во канали за наводнување.
Ротирачкиот „автоматски театар“ на Херон
Херон од Александрија (10 – 70 г. н.е.) бил грчки математичар и инженер, кој се смета за еден од најголемите експериментатори во антиката. Една од неговите уметнички креации е автоматскиот театар кој го прикажувал „Науплиј“, трагична приказна која се случила по Тројанската војна. Вратите на минијатурниот театар ќе се отвореле пред очите на вчудоневидените гледачи, и анимирани фигури ги играле драматичните настани, вклучувајќи ја и сцената со поправката на бродот на Ајакс од страна на нимфите со чекани во раце, грчките флоти како пловат по морињата придружувани од делфини кои скокаат околу нив, и на крај, погибијата на Ајакс од молња, фрлена врз него од божицата Атена.
Целата механичка драма, којашто траела речиси десет минути, била на погон на нешто што наликувало на бинарен систем сочинет од јажиња, јазли и ммеханизми управувани со вртлив цилиндричен запчаник. Бил произведуван дури и звук на грмотевици, со помош на механички програмирано испуштање на метални топки врз скриен тапан.
Архимедовата канџа или „Железната рака“
Архимедовата канџа (позната и како „железна рака“) била древно оружје осмислено од страна на Архимед за одбрана на морскиот приод кон градските ѕидини на Сиракуза. Како точно изгледала таа, не е сосема јасно, но според записите на древните историчари, се опишува како еден вид кран опремен со кука која можела да ги крене непријателските бродови од водата, и потоа ненадејно да ги пушти, на тој начин потопувајќи ги или онеспособувајќи ги.
Овие машини биле користени за време на Втората пунска војна во 214 г. пр. н.е., кога Римската република ја нападнала Сиракуза со флота од шеесет квинкереми под наредба на Марк Клаудиј Марекл. Кога римската флота пристапила на градските ѕидини во темнината на ноќта, машините биле пуштени, потопувајќи многу бродови и внесувајќи забуна помеѓу напаѓачите. Историчарите како Полибиј и Ливиј тешките загуби ги припишуваат токму на овие машини, како и на катапултите исто така дизајнирани од Архимед.
Огнените огледала на Архимед
Лукијан, автор од II век н.е. запишал дека за време на опсадата врз Сиракуза (214-212 пр.н.е.) Архимед ги уништил непријателските бродови со оган. Неколку века подоцна, Антемиј од Трал споменува огнени стакла како оружје осмислено од Архимед. Направата, подоцна опишана како „Архимедов топлотен зрак“ ја фокусирала сончевата светлина врз бродовите, потпалувајќи ги. Се претпоставува дека биле употребувани големи бронзени или бакарни површини, совршено исполирани за да служат како огледала.
Во 1973 година, грчкиот научник Јоанис Сакас го тестирал овој концепт на Архимед. Експериментот се случил во Скарамагас, морнаричка база крај Атина. Биле употребени седумдесет огледала, секое од нив обложено со слој од бакар и со големина од 1-1.5 метар. Огледалата биле насочени кон дрвена макета на римски воен брод на далечина од педесет метри. Кога огледалата биле насочени како што треба, бродот избувнал во пламен за само неколку секунди.
Во музејот се прикажани дваесет и четири реплики на Архимедовите пронајдоци како: Архимедовиот навој, Архимедовиот механички планетариум, диптер, одометар, хидростатичкиот парадокс, огнените огледала и воени машини, како и пронајдоци на други старогрчки научници.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.