Археологијата е наука за која е потребно многу време, проучувања, истражувања, ископувања – процеси кои траат со децении. Но, низ историјата извесен број на археолошки богатства биле најдени сосема случајно, на среќа, и тоа често надвор од академската и научна заедница. Еве поглед кон најголемите археолошки пронајдоци кои биле најдени сосема случајно.
Теракотната армија од Ксиан
Сега прочуената гробница на првиот цар на династијата Чин, познат по својата огромна армија од теракотни војници била откриена случајно кога во 1974 на неа налетале група кинески земјоделци. Седуммина мажи копале бунар во близина на градот Ксиан кога со лопатите удриле во главата на закопана статуа. Археолошкото ископување кое набргу следувало открило 8.000 такви статуи поставени околу гробницата на царот Чин Ши Хуанг, датирана во III век пр.н.е. Гробницата се смета за едно од најважните археолошки богатства на Кина.
Афродита од Милос или Милоска Венера
Пред да биде пронајдена, Афродита од Милос поминала неколку векови закопана на грчкиот остров Мелос. Била најдена во 1820 година, кога локален жител откриле пештера со закопани антички скулптури. Еден офицер на француската морнарица кој барал антиквитети во областа и фрлил око и набргу безраката статуа на Афродита му била претставена на кралот Луј XVIII, по што во 1821 била подарена на Лувр.
Свитоците од Мртво Море
Свитоците од Мртво Море кои содржат некои од најраните делови од Библијата, биле откриени од група бедуински тинејџери во 1947 година, додека барале изгубен јарец во околината на древниот град Јерихон. Како што барале, едно од момчињата фрлило камен во блиска пештера и слушнало нешто што звучело како кршење на глинено грне. Кога погледнал да види што е тоа, нашол неколку грниња кои содржеле збирка древни папирусни свитоци. Откако свитоците ги продал на научници, автентичноста на писанијата била потврдена, што во областа предизвикало вистинска треска за лов по изгубени богатства.
Пештерата Ласко
Во септември 1940 година, четири тинејџери налетале на пештера додека го барале нивното изгубено куче во шумата во близина на Монтињак, Франција. Во пештерата нашле ѕидови кои биле прекриени со над 2000 древни слики и гравури. По истражувањето било откриено дека цртежите со животни и ловци се стари 15000-17000 години, и наскоро станале најпознатите палеолошки артефакти во светот.
Линиите Наска
Наска линиите, серија древни геоглифи создадени од домородни племиња кои живееле во областа на денешен Перу, биле незабележани со векови и покрај нивната огромна големина. Биле забележани дури во триесеттите на дваесеттиот век кога почнале да бидат надлетувани од авиони.
Каменот од Розета
Каменот од Розета, плочата благодарение на која биле дешифрирани древните египетски хиероглифи, била откриена од страна на армијата на Наполеон Бонапарта додека во 1979 марширала низ Африка. Дваесет години потоа биле дешифрирани египетските хиероглифи од страна на Жан Франсоа Шамполион, француски лингвист, ориенталист и историчар.
Мумијата Јоци
Во 1991 година, германски туристи налетале на тело замрзнато во лед во алпскиот регион Јоцтал, помеѓу Австрија и Италија. Првично се сметало дека се работи за скорешен смртен случај, но подоцна се испоставило дека се работи за мумија стара 5300 години.
Ризницата од Фрум
Во 2010 година, Дејв Крисп нашол глинено грне во близина на Фрум во Самерсет, Англија. Во грнето се наоѓале 52530 древни римски монети, едно од најголемите откритија во Британија воопшто. Монетите датираат во времето на Караусиј, кој независно владеел со Британија во периодот од 286 до 293 г. н.е. и бил првиот римски владетел кој ковал свои монети во Британија.
Потонатиот кораб во Градо
Во 1986 година, нуркачи во близина на брегот на Градо, Италија, налетале на потонат брод стар близу 2000 години. Малото трговско пловило било полно со 600 амфори, т.е. вази, наполнети со сардини и други видови риба, а имало и хидрауличен систем кој на трговците им овозможувал да чуваат аквариум со живи риби.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.