Водичот на еден наставник по психологија за справување со стресот стана вирална откако беше твитуван од страна на една негова ученичка. Брет Филипс прво се прославил меѓу своите ученици споделувајќи исцрпна листа на 101 начин како да бидете присебни на почетокот на секоја училишна година. Листата ѝ се допаднала на средношколката Алина Рамирез од Окснард, Калифорнија и ја објавила на Твитер. Потоа нејзината објава била ретвитувана 24 000 пати и лајкувана 29 000 пати.
Во листата се собрани доста практични совети со почетните „станете 15 минути порано“ и „подгответе се вечерта претходно“. Но, тој исто така истакнува и други нешта кои можат да ви го направат поубав и полесен денот, но и животот. Како на пример: „Не носете тесна облека“, „паметниот не помни, туку запишува“, „направете дупликат на клучевите“, „кажете `не` почесто“ и „ставете освежувач на воздухот во вашиот автомобил“.
„Тој знае под каков стрес сме на училиште, работа, но и животот воопшто, и затоа ни ја даде оваа листа за да ни помогне“, вели средношколката. Многу од советите се во врска со основна организација како: „поправете сѐ што не работи“, „направете копија од важните документи“ и „поделете ги големите задаачи на мали делови“.
Покрај нив, има и совети за подобрување на расположението како да гледате во ѕвездите, да свиркате некоја песна, да напишете поема, да читате или да си купувате цвеќе.