Мери Кеј Летурно, наставничката која била обвинета за силување малолетник во 1997 година, и нејзината тогашна жртва Вили Фулау, кој тогаш имал дванаесет години, биле десет години во среќен брак, и сега отворено раскажуваат за нивната врска. Фулау, кој сега има триесет и една година вели дека неговиот брак бил „големо олеснување“, додека Летурно, која сега има педесет и три години, вели дека пак би сакала да стане учителка и нејзиното име да биде избришано од регистарот на сексуални прекршители.
Фулау и Летуро се венчале во 2005 година, и сега, десет години подоцна, поранешната учителка вели дека силувањето и подоцнежната врска со Фулау штом тој станал возрасен не е иста како во приказната која била пренесена во медиумите во тоа време. „Има приказна за нас која си живее некој свој живот, но тоа не е нашата приказна“, вели таа.
Летурно била 34-годишна наставничка која работела во Сиетл, кога го силувала нејзиниот 12-годишен ученик Фулау. Кога се изјаснила како виновна, била мажена жена со четири деца, а притоа била бремена од Фулау. Следната година, кога била пуштена со кауција, Летурно родила девојче, кое го добило името Одри. Според договорот за условно ослободување, таа не смеела да оствари било каков контакт со Фулао, но таа го прекршила условот и повторно била осудена, овојпат на седум години затвор. Додека се наоѓала на условна слобода, таа по вторпат забременила од него, и во затвор ја родила нивната втора ќерка Џорџа. Летурно вели дека нивните две деца, кои сега се тинејџерки, се запознати со околностите во кои се запознале нивните родители.
Фулау раскажува дека доживувал периоди на депресија, и вели дека бил изненаден од фактот што е сѐ уште жив откако минал низ „навистина мрачни времиња“, опишувајќи го недостигот на поддршка кога станал родител во време кога и самиот тој бил дете. Стапувањето во брак го доживеал како „огромно олеснување“, но додава дека не препорачува „помлади деца да стапуваат во брак или да имаат врска со некој постар.“ Тој додава дека ги предупредил своите две ќерки да внимаваат со имањето момчиња. „Врската може да доведе до нешто што во тоа време можеби си мислиш дека го сакаш, а не го сакаш навистина. Можеби ќе го сакаш, по неколку години“, вели тој.
На Летурно ѝ била одземена учителската лиценца и била заведена во регистарот на сексуални прекршители. Таа вели дека почнала да подучува приватно и да дава часови по пиано, а сега се надева дека ќе успее да издејствува нејзиното име да биде отстрането од регистарот, по што повторно би можела да почне да предава на училиште.