Според научниците од НАСА, северната хемисфера на Марс некогаш ја покривал океан. Ова ја зголемува веројатноста дека црвената планета некогаш била сина и на неа цутел вонземјански живот.
Океанот покривал повеќе од една петина од површината на планетата, зафаќајќи површина речиси еднаква на Атлантскиот океан. Севкупно содржел 20 милиони кубни километри вода.
Покрај тоа, Марс веројатно бил покриен и со други водни површини како реки, потоци и езера.
До пред само неколку години, научниците сметале дека на Марс имало само спорадично присуство на вода, и дека никогаш немало океани.
„Главното прашање е колку вода имал Марс кога бил млада планета и како ја загубил својата вода“ – вели Мајкл Мума, научник од НАСА.
Водата на Марс е иста како таа на Земјата – се состои од два атоми водород и еден атом кислород. Била најдена вода и во друга форма, која е сочинета од изотопот деутериум. Со текот на времето, полесната форма на вода полека испарила во вселената, полека минувајќи низ тенката атмосфера на планетата и останала само потешката вода. Благодарение на ова, научниците можат да проценат во колкави количества била водата на Марс.