Амбициозен родео каубој инспирира стотици деца со надминувањето на својата попреченост и исправањето пред насилниците кои го малтретирале поради неа. Уште од својата тригодишна возраст, Колтон Воркмен од Линколн, Арканзас, САД, сонува да стане каубој. Но, за жал, со оглед на тоа дека е роден со една рака, малиот Колтон морал да се потруди многу повеќе во споредба со другите.
И навистина се потрудил. Сега на пет години, малиот родео фанатик не само што сѐ уште сонува и работи на остварувањето на своите цели, туку им помага и на другите деца, охрабрувајќи ги да заземат став против насилниците..
На 8. јануари, овој мал каубој се појавил во основното училиште „Прери Гроув“ и застанал на сцената пред учениците – коишто повеќето се постари од него – за да го покаже својот талент. Децата, видливо вчудоневидени, ракоплескале додека Колтон неколку пати успешно го замавнал своето ласо околу вратот на пластичното теле за вежбање.
„Тој има само половина од едната рака, а сака да стане каубој и да биде вешт со ласото“, вели Малаја Стаклаф, едно од децата во публиката. „Кога ќе пораснам, јас сакам да бидам пејачка и некои луѓе ми стојат на патот за тоа, но јас нема да дозволам тоа да ме спречи.“
Колтон останал со само една рака откако едната ја загубил поради згрутчување на крвта при неговото раѓање. И тоа не било единствената несреќа која го погодила малиот каубој со специјални потреби, но тој сепак успеал некако да продолжи да се бори за својот сон. Неговиот татко Луис трагично загинал во 2013 година откако бил удрен од камион додека се враќал дома од работа.
„Знам дека неговиот татко се насмевнува гледајќи од рајот“, вели Бритни Воркмен, мајката на малиот Колтон. „Тој многу би се гордеел со него.“
Токму неговиот татко го заинтересирал малиот Колтон за вештините со јаже.
Во номеври, Колтон и неговото семејство ќе започнат проект наречен „Да оседламе и заедно да ставиме крај на малтретирањето“, во текот на кој Колтон ќе патува на повеќе настани, ќе ги демонстрира своите вештини и ќе се заложува за ставање крај на малтретирањето на послабите деца и децата со попречености.
Колтон, кој има и осумнаесетмесечна сестра по име Енди, ги учи ласо вештините од неговиот очув Реј Хуффејкер, кој е професионален родео изведувач. На настанот, заедно со Колтон, се појавил и рагби играчот Крис Џонс од универзитетот во Арканзас, кој открил дека и тој самиот бил малтретиран на училиште.