Софија Захарова е родена со деформитет на черепот и прстите на рацете и нозете ѝ се споени. Нејзините родители од Република Башкортостан, Русија сакале 2-годишното девојче да го пратат во градинка, но од персоналот на градинката добиле суров и дрзок одговор.
Тие им кажале дека деформитетот на черепот на девојчето ќе ги исплаши останатите деца и дека може да оди во градинка кога ќе ѝ направат операција. Родителите очајно се обидуваат девојчето да добие операција, но психолозите им кажале дека доколку нема интеракција со други деца ќе страда и нејзината психичка состојба.
Нејзината мајка Светлана Гизатулина и таткото Расул живеат во куќа во селото Алатани без вода и нема централно греење. Властите сега истражуваат кој го одбил девојчето и зошто не им била понудена соодветна медицинска помош.
Говорејќи за случајот, едукативниот психолог Екатерина Белан им рече на новинарите од областа: „Колку побрзо ќе се здобие со искуство од интеракции, толку ќе биде полесно да се справи со условите во кои живее и расте. Колку повеќе интеракции добива, толку ќе биде полесно да се прифати себеси.“
Случајот на детето го преземала локална добротворна организација наречена „Виножито на добрината“, но од градинката сепак ја одбиле малата Софија. Нејзината мајка вели дека ѝ било кажано: „Прво, треба да организирате операција за да може да оди во градинка како нормално дете.“
Шефот на Република Башкортостан Радиј Кабиров вели дека официјални лица го посетиле семејството и надлежните планираат да најдат стан за да не ја поминат зимата во студен дом.
„Веќе е јасно дека се повредени правата на детето и родителите и сега ќе има соодветна правна проценка“, вели тој. Тој додаде дека тој лично ќе ја следи судбината на девојчето за да биде сигурен дека сѐ ќе остане на вистинскиот пат.