Поранешниот полициски советник Стив Хилтон се смета за еден од најбрилијантните, оригинални и провокативни мислители на Британија, кој е познат по критиките кон Европската Унија. Но, тој исто така се осврнал и кон заканите кои порнографските содржини на интернет ги носат по психичкото здравје на децата.
Беркли, Калифорнија, е познат по својот светски познат универзитет. Но, Беркли треба да е место познато и по нешто друго – најнеобичното и навистина интересно детско игралиште кое воопшто сте го виделе, изградено од отпадно дрво, стари автомобилски гуми и остатоци од едра. Кога ќе влезете со вашите деца, ви се дава чекан и кутија полна со шајки. Кога ќе се рашетате наоколу, ќе видите мали деца, дури и на шестгодишна возраст, како сечат парчиња дрво. Без безбедносна опрема, без наметнати правила и шефување. Само семејства кои се забавуваат, биваат креативни и пред сѐ, ја имаат можноста да бидат луѓе.
За разлика од овој креативен приод, може слободно да се каже дека светот на возрасните сѐ повеќе почна да се меша во светот на децата. Нашата култура како да почна да се потсмева на детската невиност. Веќе децата не ги третираме како деца. Ги третираме како нешто што не се – како возрасни. Детската облека сѐ повеќе се сексуализира. Во едно истражување се покажало дека речиси триесет отсто од облеката за предтинејџерска возраст имала високо „изразени“ сексуални карактеристики, кои ги истакнувале градите, задникот или виткоста. Како што современата култура силно притиска наметнувајќи високи стандарди во поглед на убавината и негуваноста, тоа се одразува на луѓето во сите возрасти, а особено врз девојчињата. Така, кај нив се јавува чувство на срам, анксиозност и незадоволство со себе.
Поттикнати од сликите и видеата во кои иконите на поп културата ги покажуваат своите совршени депилации, како и од очекувањата од страна на момчињата, кои исто така се подложени на истото перење на мозокот, девојчињата почнуваат да си ги бричат меѓуножјата уште на единаесетгодишна возраст. Студиите покажуваат дека просечното дете во Британија го добива својот прв мобилен на возраст од дванаесет години; речиси едно од десет добива мобилен пред да наполни пет години. Една третина од децата на возраст помеѓу пет и петнаесет години имаат смартфон. Речиси половина од децата на три или четиригодишна возраст поседуваат некаков современ уред.
Навистина, многу родители велат дека внимаваат што прават нивните деца на интернет – но колку навистина можат да внимаваат? Особено ако се има предвид фактот дека интернетот е просто преплавен со порнографски содржини, кои се лесно достапни. Повеќе од половина од децата на восраст помеѓу 12 и 15 години го користат интернетот да гледаат сексуално експлицитен материјал, а значителен број деца се изложени на таков уште на возраст од 10-11 години.
Предвремената сексуализација на децата им дава погрешни гледишта за тоа каков е вистинскиот сексуаленживот. Бидејќи онлајн порното често е агресивно, ако не и насилно, кај овие нови генерации тоа создава шокирачки мрачни обрасци на очекувања и однесување кога станува збор за сексот. Младите девојчиња мислат дека треба да изгледаат и да се однесуваат како порно ѕвездите, да учествуваат во сексуални активности кои за нив често се болни или вознемирувачки. Од друга страна, момчињата се ослободени од било какви морални или културни воздржувања, не чувствувајќи никаква потреба кон девојчињата да се однесуваат со почит и внимание.
„Кога интервјуирате млади жени за нивните сексуални искуства, забележувате зголемено ниво на насилство – груб, насилен секс“, вели проф. Гејл Динс, водечка анти-порно активистка. „Тоа е директна последица на порното, бидејќи младите момчиња се учат од мажите во порно филмовите кои се однесуваат како да се сексуални психопати.“
А дека сите овие тврдења не се без основа, доволно е само да се споредат најчестите пози при правењето т.н. селфи фотографии. Тоа се пози кои до пред десеттина, петнаесет години можеа да се видат само на омотите на DVD-ја и видео касети со порнографска содржина, на кориците на порнографски списанија и слично.
Бидејќи ова перење на мозокот се одвива главно преку интернет содржините, се предлага на децата до шеснаесет години да им се забрани употребата на смартфони и таблети – исто како што се забранува и продажбата на алкохол и цигари на малолетници – за да се зачува нивното психичко здравје и да им се обезбеди нормален развој. Тие би можеле да користат мобилни телефони со кои ќе можат да им се јават на своите родители или другари, но нема да можат да гледаат порнографски, или други штетни, насилни содржини, ниту пак да објавуваат свои слики, кои стануваат сѐ понепристојни.
„Ни треба забрана“, вели Хилтон. „Свесен сум дека ова звучи малку екстремно, но не можете да ме убедите дека е невозможно. Моето семејство е жив доказ за тоа. Нашите синови немаат смартфони или таблети, компјутер користат само на училиште, а дома можат да минат само половина час пред екран, три или четири пати во неделата, гледајќи видео или телевизија. Јас самиот немам смартфон, а сепак се чувствувам совршено поврзан со светот, а не окован роб на екранот.“
Што мислите вие за овој предлог на Стив Хилтон?