Три парчиња леб, две парчиња сланина, неколку парчиња сирење, јагнешко месо и парче лој. Не, ова не мени од некоја кафеана, туку поради овие работи човек бил испратен да лежи затвор четири години. Тој бил осуден дека ја украл оваа количина на храна и бил апсен многу пати во животот затоа што успевал да излезе од секоја ќелија во која ќе го сместеле. Џосеф Болито Џонс, или подобро познат како Мундин Џо е роден во Нов Јужен Велс, Австралија во 1826 година.
Џо понекогаш крадел леб и парчиња храна за да преживее. Една вечер тој и неговиот пријател Вилијам Крос биле фатени со „пленот“ и биле однесени во затвор во Англија, а потоа повторно биле префрлени во Австралија. Во 1852 година Мундин Џо бил на слобода, но по две години, повторно почнал да краде, но овој пат не храна туку коњ. Кога полицијата го пронашла го фрлиле во затвор, а истата вечер Џо успеал да излезе од ќелијата и да избега на истиот коњ кој што претходно го украл.
По неколку дена полицијата го пронашла како спие на некоја ливада и повторно го фрлиле во затвор. Овој пат бил пуштен за добро однесување. Но потоа во Њукасл, Австралија бил доволно гладен или глупав да убие вол на некој човек и да го фатат како го јаде месото. Повторно го затвориле, но овој пат негирал дека го украл волот и тврден дека поштено го платил.
И покрај неговите тврдења бил осуден на 10 години затвор. Можете да погодите дека повторно успеал да избега, но по неколку месеци повторно и го фатиле и добил дополнителни 12 месеци на неговата 10-годишна казна. Овој пат му биле ставени окови и тој првиот пат кога се обидел да избега од нив не успеал, но затоа вториот обид му бил успешен и избегал заедно со уште неколку ситни криминалци.
Нивната цел била да ограбат банка и да станат големи криминалци. Но, потоа се појавил натпис на насловните страни во весниците за „ограбувачите на банки кои биле уапсени уште пред да влезат во банката“. „Криминалната банда“ украла пиштоли од продавница за оружје, за да ја ограбат банката со нив, но биле фатени од полицијата неколку километри од продавницата. Тогаш за првпат било споменато името Мундин Џо. Прекарот Мундин му бил даден по затворот Фримантл, кој Абориџините го нарекувале Мундин и затоа што затворот му бил „втор дом“ на Џо, го добил и овој прекар.
Овој пат го сместиле Џо во бетонска ќелија, за која тврделе дека никој не може да избега од неа. Но, секако Џо успеал. Додека сите останати затвореници работеле надвор, тој морал да работи внатре во ќелијата, за да не избега. Околу него тој направил голем неред, а чуварите не сакале да го расчистат. Така Џо успеал да ископа тунел и да ги скрши синџирите. Тој останал слободен човек „цели“ две години, а потоа „баксузот“ се обидел да украде вино од визбата на некој благородник во Сван Вали, но „за среќа“ во тој момент, на вечера во домот на благородникот бил и полицаец, кој веднаш го уапсил.
Како и што очекувал бил донесен „дома“ и според сите негови дела требал да излезе од затвор во 1884 година, а тогаш била 1867. Во септември 1870 година му ги симнале оковите и тој повторно се обидел да избега, но бил фатен веднаш пред портите на затворот. Неколку месеци подоцна имало посебно сослушување за него, во кое му дале опција да го ослободат доколку вети дека повеќе ќе стои надвор од неволји.
Во 1873 година бил ослободен и почнал да работи како столар во „родниот град“ Фримантл. Биле потребни 20 години за полицијата повторно да слушне за Мундин Џо, откако неколку луѓе пријавиле старец кој лутал ноќе по улиците и викал како лудак. Полицијата го пронашла Џо, кој најверојатно страдал од деменција и го однеле во медицинска институција, во зградата каде што порано се наоѓал дел од затворот Мундин(Фримантл), од каде што избегал во 1860-тите.
Џо се обидел да избега од болницата три пати, најверојатно мислејќи дека повторно го ставиле во затвор. Последното бегство Мундин Џо го направил на 13 август 1900 година, кога починал во Лудницата Фримантл оставајќи можеби залудно потрошен живот, но исто така и приказна која е на некој начин достојна за сеќавање. Тој бил погребан во истиот град , а на неговата надгробна плоча пишувало „слобода“.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.