Џун и Џенифер Гибонс биле идентични близначки родени во 1963 година на Барбадос. Набргу по нивното раѓање, нивните родители се преселиле во Велс каде што девојчињата биле изложени на секојдневно злоставување во училиштето затоа што биле ретки црнкињи во подрачје претежно населено со белци.
Но, тоа не е ни приближно толку необично како фактот дека не разговарале со никој друг. Меѓу себе тие разговарале со специфичен јазик кој никој друг не го разбирал. Поради малтретирањето на училиште сѐ повеќе се свртувале една кон друга. Очајните родители ги пратиле во различни училишта обидувајќи се да ги натераат на нормална комуникација. Но, девојчињата поради разделбата станале кататонични. Од страв за нивното здравје, родителите ги вратиле дома каде што децата уште повеќе се затвориле во себе.
Чудни дневници
Со години живееле во својата соба и комуницирале само меѓу себе. Знаеле да изведуваат цели претстави една за друга, а често и пишувале. Сите нивни авторски дела се однесувале на сексот и криминалот. Се обиделе и да објават збирка кратки раскази, но немале премногу успех во тоа. Од тоа време останале запишани и нивните дневници.
Џун напишала: „Никој не страда како јас, не со сопствената сестра. Со мажот, да. Со сопругот, да. Со дете, да, луѓе страдаат. Но оваа моја сестра, мрачна сенка на мојот живот, е мојата единствена мака.“
Иако близначките се родиле со временско растојание од само десет минути, меѓу нив имало големо непријателство. Џенифер била уверена дека постарата Џун е подобра во сѐ и поумна.
Џун ја чувствувала таа завист.
„Таа сака да сме еднакви. Има поглед на убиец во очите. Мил Боже, јас се плашам од неа. Таа не е нормална и тоне во лудило поради некој. Поради мене.“
Џенифер бележела слични морничави приказни во својот дневник.
„Станавме смртни непријатели. Чувствуваме како да зрачиме со смрт и се иритираме една со друга. Си велам себеси: `Зар е можно да се ослободам од сопствената сестра. Дали и јас ќе умрам без својата сенка? Без својата сенка, дали би можела да живеам нормално или би умрела? Без сенката на чиешто лице гледам измама и убиство.“
Свртување кон криминалот
По неуспехот со пишувањето, решиле да живеат во нормалниот свет, но и понатаму комуницирале само една со друга. Бидејќи не се прославиле како писателки, решиле да станат славни на друг начин. Се свртеле кон криминалот. Главно станувало збор за ситен криминал, но кога почнале да палат напуштени згради, судството решило да ги затвори.
Им било одредено психијатриско лечење во ноторната болница Бродмур, каде што на лекување биле праќани најозлогласните криминалци. Во Бродмур од нив се шокирале и лекарите. Неколку пати се случувало една од сестрите да се дави во храна, а другата да гладува. Таму минале единаесет години и со текот на времето се спријателиле со новинарката Марџори Волис, која за нив напишала книга.
На крајот докторите решиле дека е време близначките да ги префрлат во клиника од полуотворен тип. Волис во својата книга напишала дека за време на нејзината последна посета, Џенифер како гром од ведро небо ѝ кажала: „Марџори, Марџори, морам да умрам“. Кога ја прашала зошто, Џенифер само кажала: „Така решивме“.
Мистериозна смрт
Во март 1993 година, кога близначките имале 31 година, биле префрлени во болницата Касвел. Штом дошле, лекарите забележале дека Џенифер не дише. Брзо ја префрлиле во болница, но таму само ја прогласиле за мртва. Причина за смртта бил акутен миокардитис, воспаление на срцевиот мускул. Во нејзиниот организам докторите не нашле никаков отров и едноставно немале поим како наизглед здрава личност може да умре така, преку ноќ.
Неколку дена по смртта на сестрата, Џун наводно кажала: „Најпосле сум слободна. Најпосле Џенифер го даде својот живот за мене.“
Џун наскоро излегла од болница и денес живее нормален живот во Велс. На надгробниот споменик на Џенифер била ставена песна, напишана од Џун, во која пишувало:
„Некогаш бевме заедно. Ние двете бевме едно. Веќе не сме двете, низ животот оди само една. Почивај во мир.“
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.