Алана Робертс замрзнала неколку од своите јајце клетки кога се борела со ракот во нејзините тинејџерски денови. Оттогаш Алана го победила ракот 3 пати по ред. Таа влезе во историјата како првата жена која што родила дете од толку стара јајце-клетка.
Јајце-клетката од која настанала малата Фејт Робертс била замрзната цели 14 години. „Можеби беше во замрзнувачот 14 години, но ги победи сите шанси за да биде тука со нас,“ вели Алана.
Роберт Смит, директор на клиниката за оплодување во Лондон,„Care Fertility“ која што е една од најстарите и најуспешните клиники за вештачко оплодување во Англија, вели: Ова е неверојатно достигнување. Никогаш порано не е родено бебе од толку стара замрзната јајце-клетка. Јајце-клетките се многу нежни, повеќе и од ембрионот, па затоа е навистина неверојатно да се сочува плодноста на оваа жена на толку долг временски период.“
На Алана и бил дијагностициран лимфом – рак на крвта, кога таа имала само 15 години. Лекарите и кажале дека доколку го откриле ракот малку подоцна таа не би преживеала. Успеале да го залечат ракот, но по две години повторно се вратил. Пред да започне повторно со хемотерапија лекарите предложиле да замрзнат неколку јајце-клетки, затоа што хемотерапијата може да предизвика неплодност. Тие извадиле и замрзнале 7 јајце-клетки.
„Не размислувам многу за тоа во тој момент, затоа што бев многу млада. Само сакав да оздравам побргу. По хемотерапијата го победив ракот по втор пат. Тогаш го запознав моето момче Ендру и тој многу ме поддржуваше. Но по пет години забележав израсток на мојот врат, ракот повторно се врати,“ вели Алана.
Поради тоа што ракот се раширил низ целото тело Алана требала да помине низ терапија со зрачење на целото тело што би ја уништило и најмалата надеж таа да остане бремена. Таа успеала и овој пат да го победи ракот.
Алана и сега нејзиниот сопруг Ендру, сакале да создадат семејство и се одлучиле да ги одмрзнат јајце-клетките. Две од седум јајце-клетки преживеале. Со првата јајце-клетка Алана не успеала да забремени, но со втората се родила малата Фејт(Судбина).
Поранешната рекордерка за најстара замрзната јајце-клетка е Моника Запотоцни, од Аргентина, која што се породила во 2012 година со близнаци од јајце-клетки стари 12 години.