Млади луѓе со Даунов синдром очајно сакаат да се земат и да имаат деца – но дури и нивните загрижени родители велат дека тие можеби никогаш нема да бидат подготвени за такво нешто. Мајкл Кокс и Тејлор Андертон од Квинсленд се запознале пред шест години за време на натпревар во пливање и се свршиле мината година за време на патување до Америка. Сега мислат само на тоа да се венчаат и да основаат свое семејство.
„Сакаме да имаме четири деца, ќе имаме три ќерки и еден син“, вели 25-годишниот Мајкл. „Не е толку тешко да се има дете. Знам дека некои луѓе велат дека тоа е напорно, но не е, сѐ е до љубовта и милоста која ја чувствувате кон вашето дете.“
Иако родителите на Мајкл и Тејлор го прифатиле тоа што нивните деца се среќни заедно и ја поддржуваат нивната врска, сепак се двоумат во поглед на нивната цел тие да станат родители.
„Тејлор и Мајкл сакаат да се земат и да имаат деца, што ме прави многу загрижена“, вели Кетрин Маск, мајката на Тејлор. „Тоа нема да се случи, не може да се случи.“
Двете семејства ги одгледале нивните деца да веруваат во своите сншта и да живеат независно, но сега стравуваат дека ги воспитале да доживеат пораз од нереалистични очекувања.
„Не го гледам родителството како нешто што тие би можеле да го постигнат или нешто што тие и би требало да го постигнат, всушност“, вели Симон Кокс, таткото на Мајкл. „Би било многу тешко да се биде дете на кого што и двата родитела му се со Даунов синдром, не можат да најдат работа, не можат да возат и не можат да ги разберат задачите по математика.“
Ники Кокс, мајката на Мајкл, вели дека ситуацијата е како меч со две острици. „За време на целиот негов живот не му беа наложувани никакви граници, но доаѓа миг кога едноставно нема да се случат некои нешта кои тој очајно ги сака и за кои верува дека ги може.“
Младите свршеници се согласиле да ја одложат нивната свадба, но се решени да имаат деца заедно.
„Знам дека нивните срца се на вистинското место, но да се биде премногу заштитнички настроен, тоа не е добро за вашето дете, дури и ако е со Даунов синдром“, вели Мајкл. „Знам дека јас и Тејлор ги имаме потребните способности да се венчаме и да основаме свое семејство.“