Во централниот дел на Мали, околу 90 километри источно од Мопти, се протега драматична песочна карпа со висорамнина и песочни полупустински равнини подолу. Позната како Бандиагара, оваа карпа се протега околу 150 километри, а УНЕСКО ја опишува како „извонреден пејзаж на карпи и песочно плато со прекрасна архитектура“.
Местото Бандиагара се смета за најубавиот локалитет на Западна Африка, поради неговите геолошки и археолошки карактеристики, како и неговата етнолошка важност.
Последните 500 години е дом на етничката група позната како Догон. Пред да се преселат во оваа област од нивната татковина далеку на југозападниот дел, онаму каде што е сега Буркина Фасо и Гана, Догоните честопати биле напаѓани од соседните исламски племенски групи. Мажите, жените и децата биле заробени и фрлани во трговијата со робови.
Околу 15-от век или веројатно порано, Догоните почнале да пристигнуваат во овој регион и се населиле во карпите на Бандигара, искористувајќи го природното засолниште на ридот како одбрана против потенцијалните напаѓачи. Кога пристигнале таму, пронашле населба од „мали црвени луѓе“, Телем племето, кои биле пигмеи.
Племето Телем живеело во подножјето на карпата во градби, кои се сочувани и до ден денес, а додека високо во карпите издлабнале „посмртни пештери“. Луѓето од племето Догон не можеле да сфатат како пигмеите доаѓале до овие места и мислеле дека тие можат да летаат.
Племињата Телем и Догон продолжиле да живеат заедно, сѐ додека Телем не се отселиле или пак се приклучиле на Догонската култура, која е богата со мистицизам.
Денес „Догонската земја“ опфаќа повеќе од 400.000 хектари и вклучува речиси триста села расфрлани долж Бандиагара. Западот не знаел дека вакво племе постои се до 1930-тата година кога еден млад француски антрополог Марсел Гријале започнал петнаесетгодишно истражувачко патување низ Западна Африка.
По неколку години сослушување на старешините на Догон во врска со нивната религија, Гријале конечно добил серија интервјуа со слепиот ловец на Догон, Оготемели, кој му ги раскажувал верските приказни на Марсел на ист начин како што Оготемели ги слушнал од неговиот татко и дедо.
Подоцна ова беше претворено во фасцинантна книга со наслов „Разговори со Оготемели“, која ги предизвика сите прифатени идеи за африканскиот менталитет и за примитивните луѓе воопшто.