„Па јас само им помагав на луѓето. Никогаш не сум продавал марихуана бидејќи пет куни дневно (околу 40 денари) ми се доста за живот“, рекол тој со насолзени очи по изрекувањето на пресудата. Пензионерот од хрватското село Пакоштане, 77-годишниот Томислав Росан, кој со години лечел костоболка, астма и висок крвен притисок со марихуана во сопствено производство, во општинскиот суд во Задар бил ослободен од обвинението за неовластено производство на марихуана поради понатамошна продажба.
Обвиненителот барал строга казна, сметајќи дека лаже дека марихуаната ја употребувал во комбинација со други билки за подготовка на лековит чај и облоки, но судијата Иван Марковиќ утврдил дека не постојат цврсти докази кои би потврдиле дека старецот марихуаната ја произведувал поради продажба.
Пакоштанскиот пензионер завршил на суд откако полицијата уште во 2012 година во неговата куќа во Пакоштае нашла дваесеттина стебленца индиски коноп и 72,5 грама марихуана.
По пресудата, чие изрекување го дочекал во придружба на адвокатот Марко Колановиќ, човекот со насолзени очи изјавил дека во животот никогаш ништо не украл, и дека воопшто не го сфаќа поимот дека тој е „ослободен од нешто“.
„Па јас само им помагав на луѓето. Никогаш не сум продавал марихуана, бидејќи пет куни дневно ми се доволни за живот. Си имам свои кокошки и во градината сѐ друго што ми е потребно и не ми треба ништо, никакви пари. Со марихуаната ја излекував болката во зглобовите, астмата и високиот крвен притисок и тоа е еден чудотворен лек. Притоа и на многу други луѓе им помогнав. Зошто некој би бил осуден за тоа не знам, но веќе не сакам да си имам работа со државата“, изјавил 77-годишникот по изрекувањето на пресудата.
Билките, како што се покажало оваа година кога му биле пронајдени уште 460 стебла марихуана повисоки од два метри, ги одгледувал во подрумот и на покривот на куќата во контролирани услови. На својата плантажа имал систем за вентилација и осветлување, како и систем за греење и мерење на температурата и влагата, а му нашле и дигитална направа за мерење на киселоста на почвата. За овие билки го очекува ново судење.