Во текот на изминатите два дена речиси 1200 мигранти, Сиријци и Авганистанци, повеќето напикани во преполни гумени чамци, биле собрани од грчките власти во источниот дел на Егејското море. Мажи, жени и деца преку Турција пристигнуваат на грчките острови Кос, Лесвос, Хиос и Фармакониси, коишто се наоѓаат во близина на турското крајбрежје. По Италија, финансиски осакатената Грција е второто одредиште за бегалците кои најчесто бегаат од војната во Сирија, како и од тешката економска положба, барајќи подобар живот во Европската Унија. Оваа година веќе пристигнале 30.000 бегалци.
На популарниот туристички остров Кос, некои од бегалците, главно Сиријци и Авганистанци, престојуваат во напуштен хотел. Грција побарала поголема помош од властите на ЕУ во справувањето со овој прилив, а европскиот комесар за имиграција Димитрис Аврамопулос, кој самиот е Грк, во вторникот разговарал со владините претставници во Атина.
Бугарија, Грција и Турција во понеделник постигнаа согласност за заедничка погранична полиција и царински центар со помош на кои би се справиле со силниот преселнички бран.
„Овој договор гарантира тесна соработка на трите држави кои се соочуваат со некои од најголемите предизвици…миграцијата, организираниот криминал и тероризмот“, изјавила бугарската министерка за внатрешни работи Румјана Бачварова. Центарот ќе биде поставен на граничниот премин Капитан Андреево.
Денес шефот на ОН, Бан Ки Мун, изјави дека Европа мора да прави повеќе во помагањето мигрантите да го преминат Средоземното море. Тој побара операциите за потрага и спасување да бидат засилени. Минатата недела европските министри одобриле план за воена опеарција за да се справат со медитеранските шверцери на луѓе, иако предлозите за уништување на нивните бродови во либиските води сѐ уште чека на одобрување од страна на ОН.
Европската комисија исто така откри план да ги натера и останатите членки на ЕУ да го понесат товарот со кој се соочуваат пограничните земји како Италија, Грција и Малта, но некои земји како Британија се спротивставуваат на тоа.