Вакцината која ќе може да се користи за лекување на зависниците од хероин е на пат, по успешните испитувања врз примати. Вакцината, која е развиена во Институтот за истражување Скрипс, го блокира чувството на „задоволство“ од хероинот и се покажало дека е ефикасна и повеќе од осум месеци откако ќе се внесе во организмот.

Ова е прва вакцина против опиоид, која ја поминала оваа фаза на тестирање и истражувачите се надеваат дека ќе им биде одобрено да продолжат со клиничко тестирање.

Вакцината функционира така што го „учи“ имунолошкиот систем како да произведува антитела против хероинот и психоактивните состојки во него. Таа го изложува имунолошкиот систем на мал дел од молекуларната структура на хероинот.

Потоа кога завсникот повторно ќе земе хероин новосоздадените антитела ќе го сметаат како мета и ќе ги неутрализираат молекулите на хероинот. Корисниците(моментално резус мајмуните), не ја чувствуваат еуфоријата од хероинот, бидејќи молекулите на хероин се блокирани пред да можат да стигнат до мозокот.

„Ова ги потврдува и нашите претходни податоци од глодари и ја става нашата вакцина во поволно светло за предвидената клиничка евалуација. Ние веруваме дека оваа потенцијална вакцина ќе се покаже безбедна и за човечки испитувања.“, изјавил Ким Јанда, главниот научник во истражувањето.

Во експериментот на мајмуните им се дава вакцина, пред да им бидат дадени дози на хероин. Истражувачите откриле дека четири мајмуни кои добиле три дози од вакцината имале ефикасен имунолошки одговор, што може да ги неутрализира различните дози на хероин. Вакцината била најефективна првиот месец по вакцинацијата, но ефектот може да трае повеќе од осум месеци.

Два од четирите мајмуни тестирани биле претходно вакцинирани со истата вакцина во претходното истражување, седум месеци пред оваа. Овие два мајмуни покажале многу повисок одговор на вакцината во вториот круг на експерименти. Ако овој ефект се реплицира кај луѓето, тоа би можело да значи дека зависниците од хероин може да добијат долгорочен имунитет на хероин, што ќе им помогне при нивното закрепнување.

Следниот чекор за тимот ќе биде да ја лиценцираат вакцината преку одредена компанија за партнерство и да започнат со клиничките испитувања.

Сподели на Facebook
пати видено