За жал понекогаш кучињата можат да залутаат. Сепак во 9 од 10 случаи тие повторно се враќаат дома. Затоа е многу важно вашиот миленик да имаат ременче на кое ќе има натпис за идентификација. Кога 12-годишниот Луис исчезнал од дворот, неговите сопственици со право се загрижиле и помислиле на најлошото, затоа што станува збор за старо куче. Но, тие не знаеле дека Луис заминал на херојска мисија.
Откако го немало скоро цел ден, Луис се вратил дома исцрпен. Неговата сопственичка, Маролин Дивер, од Нов Зеланд била пресреќна кога го здогледала миленикот. Освен тоа што бил исцрпен Луис имал и порака прикачена на неговото ременче. Луис очигледно се сретнал со некои луѓе и тие сакале да ги известат сопствениците за неговото дело.
Во пораката пишувало: „Луис е херој на денот. Тој ме однесе до Меди која беше заглавена под куп гранки. Поздрав. Роб.“ Ќе се запрашате, која е Меди?
Меди е друго куче, кое му припаѓа на фармерот Роб кој живее на околу 2 километри од домот на Луис. Исто како и Луис и Меди исчезнала тој ден. Но била пронајдена кога Роб се вратил дома и го пронашол Луис како седи во неговиот двор. Кучето се однесувало така што изгледало дека сака да му покаже нешто на Роб. Роб не знаел како да регира на Луис, но сепак одлучил да го следи. Луис го однел Роб до Меди, која била заглавена под еден куп од гранки.
Луис дури му помагал на Роб да ги тргне гранките од Меди. Кога Меди била спасена, заедно со Луис се стрчале кон блискиот поток да се напијат вода. Подоцна Роб го наградил Луис со кучешка храна и оставил порака на него за да го оправда неговото отсуство пред сопствениците.
„Неговото херојско дело го промени начинот на кој го гледам. Мислам дека и моите родители се чувствуваат така. Многу сум горда на него.“, изјавила Маролин.