За грбавото куче коешто се родило без врат се заинтересирале 1200 луѓе откако сликите со неговото деформирано тело станале вирално. Квазимодо, наречен така поради деформацијата, бил одведен во спасителската група „Секонд хенд хоундс“ откако бил забележан како скита во Кентаки, САД. Кучето е едно од само петнаесетте кучиња во целиот свет коишто страдаат од синдром на краток `рбет, поради што тоа е со третина од телото кое би требало да го има за таа возраст.
Сега за него се грижи семејството на шефицата на организацијата Рејчел мајроз, којашто вели дека разбира зошто луѓето го сакаат толку многу. Таа вели: „Мислам дека секој кој ќе го види, веднаш се вљубува во него. Првиот ден кога го запознав, тој беше толку исплашен и срамежлив и јас се прашував дали тој воопшто ужива во животот. Наскоро дознав дека ужива, многу е весело куче, и многу ги сака кучките. Мисли дека е Казанова, а не Квазимодо.“
Рејчел вели дека состојбата на Квазимодо не му причинува болка и страдање, и дека всушност тој главно е како и секое друго куче. „Квазимодо може да ги прави повеќето нешта коишто може да ги прави нормално куче, и има само неколку ограничувања. Тој навистина сака да скока по каучот и столовите, коешто не го очекував. Сака да грицка и сака да трча и да брка нешта. Дефинитивно не е во болки. Тој е вистински германски овчар – само малку скратен. Сепак има некои проблеми кога се симнува по скали – затоа тој се симнува обратно и е многу симпатично да се гледа тоа, бидејќи никогаш не сум видела куче да прави такво нешто.“
Кога го прегледале Квазимодо, се покажало дека на него му се случило т.н. „сраснат ремен“, при што ременот му бил толку стегнат, што преку него му пораснала кожа. За среќа, успеале да му го отстранат ременот, но тоа не било крај на неговите проблеми. Откако му направиле рентгенско снимање, се открило дека му недостигаат пршлени, а тие кои ги има се собрани заедно.
Сето ова значи дека тој може да јаде само во мали количества, поради притисокот кој се создава во неговите бели дробови и другите внатрешни органи. За дополнително да се испита неговата состојба, на научниците при Калифорнискиот универзитет им се пратени примероци од неговата крв, кадешто ќе биде проучена со цел да се дали неговиот синдром е предизвикан од вкрстување на различни раси.
Рејчел е задоволна поради тоа што Квазимодо е популарен помеѓу потенцијалните идни сопственици, но не брза да го даде. „Тој е толку слатко момче“, вели таа. „Ќе ми биде многу тешко да го дадам.“