Крај рушевините на храмот Та Прохм во Камбоџа, стотици дрвја се извишуваат кон небото, додека нивните корења ползат под земјата. Секој храм во комплексот Ангкор е богатство, но Та Прохм веројатно е највоочливиот од нив.
Ангкор бил престолнината на империјата на Кмерите, којашто траела од деветтиот до петнаесеттиот век. Во текот на тоа време биле изградени 72 големи храма. Денес некои од храмовите се реновирани, како што е случајот со Ангкор Ват, додека други, како Та Прохм, биле оставени да стојат како урнатини.
Та Прохм бил завршен во 1191 година, како дел од голема мрежа на храмови кои го поддржувале големиот град кој броел до еден милион луѓе. Во 1431 година градот во голема мера запустел, за во почетокот на седумнаесеттиот век целосно да биде напуштен.
Тогаш почнале да растат дрвја и да се стопуваат со напуштените храмови.
Целиот храмов комплекс Ангкор не бил познат на неупатените, сѐ до крајот на деветнаесеттиот век, кога областа станала дел од француска колонија.
Француските археолози започнале да реновираат некои од храмовите во Ангкор во текот на 1907 година, но избрале да не го чепкаат Та Прохм. Според конзерваторот Морис Глез, Та Прохм најдобро се стопил со џунглата, но сѐ уште не станал дел од неа.
Овде се гледа како мало лице од статуа ѕирка низ корењата.
Денес, конзерваторите работат да го зачуваат изгледот на „очигледна запуштеност“, оставајќи ги дрвјата, но стабилизирајќи ги рушевините и додавајќи патеки крај објектите.
Денес, секоја година над два милиони луѓе ги посетуваат храмовите во Ангкор, а рушевините на Та Прохм се едни од најпопуларните за фотографирање.
Корењата на оваа дрвна каскада паѓаат надолу како водопад, додека дрвото се извишува во височините.
Морис Глез, главниот конзерватор на Ангкор во текот на триесеттите и четириесеттите на дваесеттиот век ги споредил стеблата со змии. „На секоја страна, со фантастична големина, стеблата на дрвјат се извиваат под широките сенчести крошни, додека нивните бескрајни корења се извиваат повеќе како некакви рептили, отколку како растенија“, пишува тој.