Според едно ново истражување, има голема разлика во поглед на нашата вистинска возраст и возраста на која чувствуваме дека сме, или како што научниците го нарекуваат тоа – субјективна возраст. Според резултатите на тоа истражување, разликата меѓу тие две возрасти може да достигне и до неверојатни тринаесет години. А тие што се чувствуваат помладо вообичаено и живеат подолго. Еве што за тоа пишуваат пет писателки.
Имам 68 години, но планирам во мојата глава да останам на 35 години
Лин Френкс е инспирација за ликот на Едина Морисон во британската серија „Луда куќа“, и сега е успешан бизнисменка, писателка и авторитет во поглед на женските права. Има две деца, шест внуци и нова љубовна врска.
„Во последните 20 или 30 години, тврдоглаво се сметав себеси за 35-годишна. Средината на моите триесетти беше добра возраст за мене бидејќи пред мене стоеше целиот мој живот – иако тогаш не знаев како да го ценам тоа. Сепак, зад себе имав доволно животно искуство за од него да црпам мудрост. Така, со оглед на тоа што во мојата глава сум на 35-годишна возраст, сѐ уште влетувам во големи животни промени без многу да водам грижа за последиците.
На почетокот на оваа година започнав да живеам со нов партнер иако дотогаш го познавав само девет дена. И за среќа, сѐ уште сме заедно. Имаме нов дом во Самерсет, област која ја познавав само од посетите на Гластонбери фестивалот и воопшто не ја познавав. Планирам неколку нови бизниси, како и да напишам нова книга. Тие од нас кои се наближуваат кон својата седумдесетта и се доволно среќни да се во добро здравје можеби не лудуваат толку како во 1970-тите и 1980-тите, но сѐ уште сме инспирирани од музиката, модата и уметноста како и во тоа време. Ако Мик Џегер може да скока наоколу по сцената на 73-годишна возраст, тогаш зошто и јас да не можам да се забавувам кога ќе ми се присака?
Признавам дека моето тело не е баш во иста форма со мојата младешка душа. Но, и покрај тоа, планирам да останам на 35 години додека телото не ми откаже и веќе нема да можам да се преправам и кога времињата кога бев помлада, витална, полна со енергија и забавна за мене ќе останат само убав спомен.
На 74 години, сега сфаќам дека моите 60-ти ми беа врв
Сузан Хил
Романот на Сузан Хил „Жена во црно“ веќе 27 години е хит, а беше снимена и филмувана верзија, во која играше Даниел Редклиф. Хил е мажена и има две ќерки.
„Што значи тоа да чувствуваш некоја возраст? Болки во зглобовите и до 9 да сакаш веќе да си в кревет? Тогаш јас бездруго сум на 74 години. Но, сѐ уште можам да ги допрам моите ножни прсти, цела вечност да стојам на една нога и да ја изрецитирам азбуката наназад. Минатата година напишав три години, така што умствено јас со сигурност сѐ уште се наоѓам во своите педесетти години.
Возраста која човек ја чувствува и на која сака да остане нема никаква врска со настаните во животот. Во моите четириесетти ми се случија некои тешки нешта, во повеќе прилики бев многу блиску до смртта, но сепак многу повеќе ги сакав од моите триесетти.
Многу ги сакав моите деца кога беа деца, но всушност повеќе ги сакам сега кога се млади жени, што значи дека најдобриот дел од мојот живот започна кога наполнив шеесет години. Нештата почнаа да се средуваат. Се чувствував посмирена, ги прифаќав нештата такви какви што се. Бев амбициозна, но без желба да се натпреварувам, не дека некогаш многу сум сакала да се натпреварувам. Уметноста не е натпревар. Тоа беше почеток на богата, плодна и смирена фаза на мојот живот.
Се чувствувам како на половина од моите 68 години
Дебора Могач
Романот на Дебора Могач со наслов „Овие луди нешта“ беше инспирација за филмовите „Најегзотичниот хотел Мариголд“ во кој играат Демс Џуди Денч и Меги Смит. Могач е мажена за својот трет сопруг и има син и ќерка. Кога бев мала, мислев дека 34 ќе биде мојата идеална возраст, дека ќе ги знам сите тајни за тоа што значи да се биде жена; дека ќе бидам вистинска возрасна жена со фризура и лакирани нокти.
Тогаш, 34-тата пристигна и воопшто не се чувствував возрасна. Косата сѐ уште ми беше никаква, но бев неверојатно среќна. Се чувствував совршено среќна и моите деца беа на совршена возраст: пет и шест години. Имав искуство зад себе и сѐ уште сѐ се чинеше возможно. Иако јас и оттогаш наваму сум среќна, во основа сум среќна личност, ете, заглавив на 34 години. Ова може да биде малку засрамувачко. Моите деца сега се на 39 и 40 години, и кога сум со нивните пријатели ќе се придружам на разговорот мислејќи си дека сум една од нив, ќе се случи една непријатна пауза и ќе сфатам каков идиот испаѓам. Ова делумно се должи на тоа што сум самохран родител. Партнерите си доаѓаат и си одат, но јас практично син ми и ќерка ми ги одгледав сама. Сега сум мажена за човек на моја возраст и се помирив со мојата возраст од 68 години. Но, тврдоглавиот факт останува: на емотивно поле, јас сѐ уште сум на 34 години.
Не остарев ниту ден после 21 година, дури со моите 66
Џени Мјуреј
Водителката и авторка Џени Мјуреј најмногу е позната по емисијата „Женски час“ на Радио 4 на Би Би Си. Мажена е и има два сина. Мојата вистинска возраст, според мојот извод од матично, е 66 години – иако секогаш ме шокира кога ќе го изговорам тоа. На 66 години мојот дедо се беше пензионирал и доби златен часовник од рудникот во кој работеше целиот свој живот, па потоа со баба ми планираа тивок живот со чувство на претстојната пропаст.
За мене „пензионирање“ е срамен збор. Не можам да си замислам со што ќе би си го исполнила мојот живот ако не ја работев работата која ја сакав и немам претстава што е тоа „мода соодветна за дадена возраст“. Носам хеланки, сандали и тренерки, а тие им личат на младите кои ги среќавам во канцеларија.
Има денови кога болно сум свесна за фактот дека веќе не сум младо пиле. Вообичаено тоа е кога ќе се разбудам наутро и секој мој мускул вреска: „Не, не! Врати се в кревет!“
Тоа е дело на мојата цврста волја која ме убедува да продолжам, знаејќи болката и вкочанетоста ќе ги снема ако продолжам да се движам. Мислам дека во моето срце јас не ја надминав возраста од дваесет и една година. Мојата шминка не се промени од 1966, кога ја имитирав Дасти Спрингфилд. Сега кога моите деца пораснаа, можам да прифаќам покани за било кој настан на кој ќе посакам да одам.
Ма какви 54…јас сѐ уште имам само 33
Џил Досон
Џил Досон е успешна авторка на девет романи, меѓу кои „Големиот љубовник“ кој раскажува за поетот Руперт Брук, кој беше избран за роман на годината во 2009. Џил е мажена и има два сина и поќерка.
„Вчера бев на пливање во една студена река. Во моите тинејџерски години или во моите дваесетти ќе ми беше многу срам да се мотам наоколу во мојот костим за капење. Но, на 33 години се случи нешто магично: пораснав.
Мојата мајка секогаш гордо велеше дека никогаш не пораснала, дека се чувствува исто како на 13 години. Таа нејзина изјава правеше да затреперам – 13 засекогаш?! Возраста на нервоза и несигурност во себе.
Се надевав дека кога ќе родам ќе ми помогне да се чувствувам возрасна, но кога го родив мојот син на 26 години, многу малку нешто се промени. Сѐ уште бев безнадежна за сѐ. Не знаев да возам, бев во никаква врска, но немав пари ниту работа и не можев туку-така да си заминам. Сакав да бидам писателка.
Што направи да пораснам? Тоа беше неочекуван бонус на прекинувањето на таа врска кога имав 30 години. Да се биде самохран родител е тоа што ме изгради. Морав да најдам работа и да научам да возам. Во текот на следните три години магистрирав со одличен успех. Го објавив мојот прв роман „Игра на светлост“ во 1996 година. И кон крајот на таа година се вљубив. Па така, одвнатре, ете така се чувствувам. Жената која порасна на 33 години.