Ололај, сместено во планинскиот регион Барбагија на островот Сардинија, нуди 200 напуштени камени живеалишта, секое за цена од по 1 евро. Популацијата во местото се преполовила во последните три децении и сега има околу 1.300 луѓе, од кои најголем дел средовечни парови без деца.
Бидејќи секоја година се раѓале се помалку и помалку бебиња градоначалникот на Ололај решил да спречи да опаѓа бројот на жители така што го започнал проектот „куќи за 1 евро“ во 2015 година. Но има еден услов. Освен „трошокот“ за купување на куќата, купувачите треба да се заложат за обновување на секоја куќа која е во лоша состојба во рок од три години со проценети трошоци до 30.000 евра. Тие можат да го продадат својот дом по пет години ако сакаат.
И покрај дополнителните трошоци, градоначалникот на Олалај е уверен дека убавината на градот и минатото ќе ги намамат луѓето. „Мојата крстоносна војна е да ги спасиме нашите уникатни традиции да не паднат во заборав. Гордоста во нашето минато е нашата сила. Отсекогаш сме биле силни луѓе и нема да дозволиме нашиот град да умре.“, изјавил градоначалникот Ефизио Арбау.
Некогаш престолнината на Барбагија, Ололај со бучни плоштади сега е многу потивко место откако семејствата ги напуштиле своите домови и помладите жители заминале во големите градови. Многу од домовите биле оставени ненаселени, распаѓајќи се до пропаст, со децении.
Ефизио ги контактирал поранешните сопственици на куќи, вклучувајќи ги овчарите и земјоделците и побарал од нив да ги препишат своите имоти на градските власти. По одобрување на посебен декрет, домовите биле ставени на пазарот.
Првото семејство кое купило двоспратна куќа за помалку од цената на леб бил пензиониран градител Вито Чашула и неговата сопруга во пролетта 2016 година. Двојката, која живеела во близина на Сардинија, но често го посетувала Ололај, ја искористила можноста откако забележале реклама во еден локален весник.
До крајот на 2017 година тие добиле 120 апликации од други земји, вклучувајќи ги САД, Австралија и Русија за кои г-дин Арбау, велели дека многумина од нив доаѓаат од втората генерација имигранти кои сакале дом во нивната родна земја.
Големата заинтеренсираност довела до поставување на рок од 7 февруари за апликации, по што ќе бидат оценети според редоследот по кој биле направени. Но, оние кои нема да успеат да добијат дом во Ололај имаат и друга опција. Голем број други градови загрозени од депопулација го извршуваат овој проект, вклучувајќи ги Монтиери во Тоскана, Патриција во Лацио и Лече де Марси во Абруцо.