Ученичката која била исмевана и нарекувана грда поради високото чело ја докажа старата народна – кој последен се смее, најслатко се смее – откако беше крунисана за Мис Велика Британија. Осумнаесетгодишната Шола Хариман од Браунстон, Лестер, ја изгубила сета самодоверба поради тоа што нејзините сурови соученици ја малтретирале поради нејзиниот изглед. Оделе дури дотаму што еднаш на главата ѝ фрлиле чинија тестенини и ѝ ја влечеле косата за да покажат колку ѝ е големо челото.
Шола била депримирана и со месеци не одела на училиште, бидејќи наставниците не преземале ништо да ѝ помогнат за време на долготрајното злоставување. Но, две години подоцна ѝ била дадена шанса да си ја поправи самодовербата и самопочитта кога станала кандидат за Мис тинејџерка на Велика Британија 2014. Откако се пласирала во регионалните натпревари за Мис Велика Британија оваа година, се шокирала кога во мај ја прогласиле за Мис Лестершир.
„Бев толку возбудена, опкружена со целото мое семејство, но навистина не очекував дека ќе победам. Сето тоа покажува колкава самодоверба имам сега. Кога имав тринаесет години, бев во навистина голема депресија, но сега сакам на сите да им докажам дека го надминав тоа.“
Шола, која е одлична ученичка и сака да студира на Лестерскиот универзитет следната година, ја задевале кога се префрлила во друго училиште, бидејќи била нова во класот и лесна цел.
„Отпрвин бев исклучена од сѐ, а потоа почнаа вербално да ме напаѓаат. Еднаш, за време на ручек, една девојка ми фрли тестенини в лице и почна да ме влече за коса. Но, освен тој случај, главно само ме нарекуваа со погрдни зборови, како грда и глупава. Ми се смееја на високото чело и тоа многу ме погодуваше, бидејќи бев многу млада. Тоа траеше цела година, но училиштето не стори ништо. Многу луѓе беа малтретирани таму, но не знаеја како да се справат со тоа. Не сакав да одам на училиште. Ќе станев од кревет, и изостанував од училиште два месеци. Мама ќе ме оставеше пред училишната врата, ќе се преправав дека влегувам, но потоа скришум ќе си заминев во градот. Долго време не сакав да се спријателувам со никого.“
По една година Шола се преселила во Босвортскиот колеџ, каде што нештата станале многу подобри. Стекнала нови пријатели и нејзината самодоверба полека почнала да ѝ се враќа. Тогаш за првпат била забележана нејзината убавина и била поканета да учествува на Мис Тинејџерка на Велика Британија.