Професорот по историја Пол Сонино верува дека конечно успеал да открие кој бил легендарниот човек под железната маска. Тоа е една од најдолгите мистерии во историјата – во 1669 година во Франција бил затворен човек кој повеќе од три децении бил чуван под силно обезбедување и чијшто идентитет бил чуван во целосна тајност со помош на маска која му го покривала целото лице и која морал да ја носи цело време додека бил во затвор.
Приказната била предмет на големи шпекулации низ годините, а по неа бил снимен и филм во 1998 година со Леонардо ди Каприо во главна улога – филм кој исто така помогна во ширењето на теоријата дека мистериозниот затвореник всушност бил братот близнак на францускиот крал Луј XIV. Покрај таа теорија, се верувало и дека тоа е Молиер, или пак Д`Артањан.
Сепак, писателот и историчар Пол Сонино е цврсто убеден дека тоа не било така.
„Историчарите претежно се согласуваат дека неговото име било Усташ Доже и дека тој само повремено ја носел маската, а и кога на носел, таа не била железна, туку кадифена. Исто така се сигурни и дека бил собар. Но, не можеле да откријат чиј собар бил, и поради која причина бил држен под силно обезбедување повеќе од триесет години.“
Сонино верува дека со неговото истражување открил дека Доже бил собар на благајникот на кардиналот Мазарин – главниот министер на Франција за време на раните години на животот на кралот Луј XIV.
„Тоа што успеав да откријам е дека Мазарин дел од неговото огромно богатство го стекнал крадејќи од претходниот крал и од кралицата на Англија. Доже веројатно проговорил во погрешно време. Кога бил уапсен, му било кажано дека ако некому му го открие својот идентитет, веднаш ќе биде убиен.“
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.