Пакомак и Шпаркасе Банка четврта година по ред ги наградуваа основните училишта кои се грижат за почиста животна средина
Со мотото „Рециклирање?! – КАЖИ ДА!“ денес во спортскиот центар „Борис Трајковски“ Пакомак и Шпаркасе Банка ги доделија наградите на основните училишта кои покажаа завидни резултати во однос на селектирањето на рециклажната амбалажа.
43.500 ученици од 76 основни училишта во општините Гази Баба, Карпош, Центар, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Чаир и Бутел цела учебна година организирано собираа пластични шишиња, а како награда за ваквите активности добиваа донација од течен сапун од Пакомак, и учеа за важноста од селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад, времето на распаѓање на материјалите во природата, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со цел да го увидат бенефитот од правилното однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина.
„Четврта година по ред Пакомак и Шпаркасе Банка одлучно стојат зад оваа иницијатива која до сега се покажа како мотивирачка и успешна за учениците од основните училишта. Свесни сме дека доколку сакаме навистина да направиме позитивна промена кај граѓаните потребно е да изнаоѓаме начини да допреме до најмладата популација. Со овој проект се надевам дека правиме да одиме од година во година чекор понапред, а како доказ за тоа е и сè поголемотo учество на учениците и поголемата количина на собран амбалажен отпад“, изјави Ико Брдароски Менаџер за грижа на корисници.
„Кога делувате со здружени сили резултатите се секогаш видливи. Пресреќни сме што трудот кој го вложивме се до ден денес вродува со плод и од година во година количината на собраниот амбалажен отпад е се поголема, а интересот и мотивот кај децата се поинтензивен. Собраната количина од 1.100.000 пластични шишиња е јасен показател дека навистина успеваме да делуваме врз еколошка свест кај најмладите, што е и крајната цел на овој проект. Се надеваме дека оваа наша заложба нема да биде поттик само за децата од основните училишта и од градинките, туку ќе бидеме добар пример и за останатите учесници во заедницата и бизнис секторот кој треба да ги подржува ваквите иницијативи. Ние како општествено одговорна компанија заедно со Пакомак и во иднина ќе продолжиме да иницираме различни проекти кои ќе имаат за цел да ги едуцираат најмладите во насока на создавање на најдобрите еколошки практики, што сметаме дека е од клучно значење доколку сакаме да живееме во здрава и почиста средина.“, изјави Тодорка Сајкова, Директор на Службата Маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка.
Вкупно беа доделени 16 награди, прва и втора награда за секоја општина на ниво на град Скопје. Со најдобри резултати во селектирањето на отпадот беа училиштата: ОУ „Крум Тошев“ од општина Гази Баба и ОУ „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром.
Во учебната 2015/2016, учениците од повеќе општини успеаа да соберат 1.100 000 пластични шишиња, односно 32.100 килограми пластична амбалажа, што претставува одлична цифра која говори за нивните напори и заложби соодветно да одговорат на предизвиците на денешното модерно живеење.
„Доколку до пред неколку години зборот рециклирање можеше да се сретне само во учебниците денес сме горди на резултатите кои во пракса ги постигнаа нашите ученици. Младите генерации се генератори на современи и свежи идеи. Веруваме дека тие ја имаат моќта да придонесат за создавање на здрави навики на живот и грижа за околината на која сите и припаѓаме.“, вели Сајкова.