Вообичаено антилопите спасуваат жива глава кога само ќе надушат леопард во близина, и со добра причина – инаку би завршиле како оброк. Но ова младенче изгледа пропуштило да ја научи најважната лекција во вештината на опстанокот, и не само тоа, туку наумило да се СПРИЈАТЕЛИ со големата мачка. И за големо чудо, мачката возвраќа…
Неверојатниот настан се случил во националниот парк Кругер во Јужна Африка, снимена од страна на ренџерот Естијан Хои, за време на едно сафари со неговите британски и американски гости. Хои изјавил:
„За време на сиве овие години како сум на служба никогаш не сум видел вакво нешто, ниту очекувам дека ќе видам пак! Се почувствував вчудоневидено, но и почестен што ја имав можноста да бидам сведок на ваква невообичаена глетка. Антилопата не покажуваше никакви знаци на вознемиреност или страв. Секогаш кога леопардот игриво ќе се придвижеше кон малата антилопа, таа се враќаше кон леопардот помирисувајќи му го лицето или нурнувајќи ја својата глава во неговата. Неколку пати антилопата ќе отскокнеше од леопардот, а тој, верен на неговата природа, ќе ја вратеше назад со своите канџи. Иако изгледа како игра, всушност само леопардот беше тој кој си играше. Антилопата си ја триеше главата од неговата бидејќи е новороденче и сѐ уште не знае што треба да прави. Леопардот можеби чекаше да се појави мајката на новороденчето и да ја убие.“