Жителите во градот Гуијанг, југозападна Кина, мислеле дека халуцинираат кога виделе како огромен водопад излегува од облакодер. Всушност водопадот од 108 метри е навистина дел од високата Liebian зграда, која се наоѓа на јавниот плоштад во централната бизнис-област на градот.
Голем резервоар е инсталиран во подножјето на облакодерот висок 121 метар, каде што четири пумпи од 185 киловати ќе ја кренат водата до врвот на водопадот. Видео од вештачкиот водопад покажува спектакуларен прилив на вода што се појавува на сонцето, создавајќи неверојатно виножито пред стаклените панели на зградата – брилијантна мешавина на природата и градот.
Водопадот е управуван од Guizhou Ludiya Property Management Co. и е дизајниран да биде туристичка атракција. Портпаролот на фирмата, г-дин Ченг, изјавил дека главниот извор на вода е од рециклирана вода од канализација, вода од дожд или од други канали.
Сметката за електрична енергија за да тече водопадот, само еден час изнесува околу 100 евра. Ченг вели дека затоа не го вклучуваат водопадот секој ден, туку само за фестивали и специјални свечености во градот и секој пат водопадот работи од 10 до 20 минути за да се заштеди електрична енергија.