Ќерката на покојниот актер Конрад Филипс, најпознат по улогата на Вилијам Тел во „Авантурите на Вилијам Тел“, вели дека од својата шеста до тринаесеттата година живеела како коњ. 47-годишната Кејт Хејворд денес работи како терапевтка, но како дете многу сакала да се преправа дека е коњ. Носила узди, галопирала на сите четири и пасела трева. Сама си изработила грива, опашка, копита и потковица. Хејворд израснала на фарма во Шкотска каде што имала доволно простор за трчање и уживање. Вели дека „духот на коњ“ во неа првпат влегол кога победила во училишна трка на сите четири.
„Во моето тело како да влезе дух на коњ. Се чувствував толку слободно и силно, а еуфоријата ја засили фактот дека победив на трката. Од тогаш секоја можност ја користев да се преправам дека сум коњ – вели Кејт, на која денес ѝ е јасно дека тоа бил само детски начин да се носи со стресот.
И нејзината помлада сестра подоцна почнала да се преправа дека е коњ, а заедно смислиле 32 различни коњски ликови и секој од нив имал свое име.
„Одев во градината на моите родители и грицкав цветови на брокули, анасон, па дури и трева“, раскажува таа.
Нејзините коњски денови еден ден ги прекинал Конрад.
„Галопирав кон влезот на соседот кога ми пријде татко ми и со својот шекспировски, актерски глас ми кажа: – Доаѓа време, мила моја, кога секоја млада дама мора да ги остави своите потковици“, раскажува Кејт, велејќи дека тогаш почувствувала како некој да ѝ го стиснал прекинувачот.
„Тоа беше необичен миг. Тој ден моето детство заврши“, вели таа.
Хејворд денес вели дека со изигрувањето коњ таа всушност бегала од реалноста во која нејзиниот татко поради актерската кариера со месеци отсуствувал од дома, а подоцна и се разболел и година дена минал во кревет. Сето тоа силно влијаело на неа, вели Кејт.