„Нема никаква партиска, ниту роднинска врска. Приватник сум и единственото што го сакам е некој да се пријави на конкурсот и да ги исполни потребните услови за да заврши специјализација по медицина и да продолжи да работи во нашата ординација“.

Со овие зборови Винко Ѓуриќ, директорот на ординацијата „Medical“ во Бијељина, Република Српска, објаснува зошто неговата установа во огласот ја додала до сега невидената еченица. Во конкурсот објавен во „Глас Српске“, заедно со наведените услови кои кандидатите треба да ги исполнат, вниманието го привлекла и една нетипична реченица: „Овој конкурс не е наместен.“ Тоа е напишано со големи букви и со извичник на крајот.

og

„Ваков оглас објавив поради севкупната ситуација во земјата и опкружувањето, каде што сите мислат дека ништо не може да се добие без добра врска или со помош на партијата“, објаснува Ѓуриќ. „За сите конкурси“, вели тој, „главно владее мислењето дека се објавени формално и се наменети за луѓе кои се веќе во работен однос и им е ветена работа.“

Поради тоа, тој се досетил на овој начин да ги разбие тие предрасуди и да се обиде да привлече потенцијални кандидати.

„Ќе пресуди компетентноста и способноста, а не некоја таму врска“, вели Ѓуриќ. Тој вели дека конкурсот за специјализација не е за неговиот син, како што некои веројатно си мислат.

„Мојот син заврши специјализација по интерна медицина и овој конкурс навистина не го интересира“, вели Ѓуриќ. Социологот Иван Шијаковиќ вели дека во општеството постои општа увереност дека речиси сите конкурси се наместени и дека не треба да зачудува ако понекогаш се појават огласи и со ваква содржина.

„Семејните, кумските и партиските врски веќе одамна се, за жал, најсигурниот пат за добивање работа и затоа се јавува ваков апсурд во конкурсот да морате да нагласите дека не е наместен, за да можете да допрете до потенцијални кандидати“, истакнал Шијаковиќ.

Но, никој не се пријавил. Винко Ѓуриќ раскажува дека истиот конкурс го објавил и кон крајот на минатата година, но на него не се пријавил никој.

„Веројатно луѓето мислеле дека е објавен за мојот син или за некој кој го познавам, па никој не се ни јави. Затоа сега решив на сите да им ставам до знаење дека не е наместен и ако сакаат да конкурираат, да го сторат тоа“ – објаснува Ѓуриќ.

Сподели на Facebook
пати видено