Седумгодишното дете кое било оставено само во дивината во северна Јапонија на студ и врнежливо време, успеало да преживее цела недела сѐ додека го спасат – и покрај тоа што било оставено без храна и вода и на себе имајќи само фармерки и маица. Родителите на Јамато Танука го оставиле во шумите на Хокаидо, најсеверниот остров на Јапонија, како казна поради лошо однесување, бидејќи минатаа недела фрлал камења врз коли.
Шест дена подоцна, еден војник го нашол исцрпен во внатрешноста на напуштена воена зграда со километри оддалечена од местото каде што последен пат бил виден. Целото тоа време пиел вода од чешма надвор од зградата, додека престојувал внатре во воената база. До тоа место испешачил 5,5 километри, нашол врата која не била заклучена и спиел меѓу душеците за да се згрее. Во шумата каде што Јамато бил оставен сам, ноќните температури паднале до 7 степени, а изминатите денови имало обилни врнежи на дожд.
Д-р Јошијуки Сакаи, докторот кој го прегледал Јамато, изјавил дека детето било во добра состојба за дете кое шест дена било оставено без храна и вода. Страдал од делумна дехидрација и изгладнетост, а имал и благи гребаници и осип на рацете и нозете. Со хеликоптер го однеле во болницата Хакодате, каде повторно се видел со своите родители. Според кажувањата, кога го нашле побарал вода, леб и топчиња од ориз. За неговото наоѓање биле ангажирани 180 спасители, вклучително и војници. Такајуки Танука, таткото на Јамато, вели дека е свесен дека претерал и му се извинил на својот син за стореното.