Еден ден на железничката станица во Бостон од возот се симнала скромно облечена жена заедно со нејзиниот сопруг. Тие тргнале кон универзитетот Харвард, за да се состанат со неговиот претседател, со кој немале договорена средба.
Уште од прв поглед секретарот на претседателот проценил дека овие провинцијалци немаат работа со Харвард и им рекол:
– Претседателот ќе биде отсутен во текот на целиот ден.
– Ќе го почекаме – бил одговорот на чудната двојка.
Неколку часа секретарот ги игнорирал посетителите со надеж дека во одреден момент ќе се разочараат и ќе си заминат. Двојката сепак со своето однесување успеала да го убеди дека нема намера да си замине и тој, колку и да не му се сакало, сепак се одлучил да го „вознемири“ претседателот.
– Можеби ако одвоите една минута, тие поскоро ќе си заминат?
Кога посетителите влегле, претседателот ги погледнал сурово и арогантно. Прва почнала да зборува жената:
– Имавме син кој што веќе една година студираше на Вашиот универзитет. Тој го сакаше оваа место и беше многу среќен што е тука. Но, за жал, пред една година тој ненадејно почина. Јас и мојот сопруг би сакале да направиме негов споменик на територијата на универзитетот.
Претседателот не бил среќен поради оваа желба, напротив тој почнал да се расправа.
– Госпоѓо – рекол тој, – ние не можеме да си дозволиме да поставуваме статуи на секој, кој студирал на Харвард и умрел. ако го правевме тоа местото ќе личеше на гробишта.
– Во никој случај – побрзала да објасни жената- ние не сакаме да поставиме статуа, туку да изградиме нов кампус на Харвард.
Претседателот го погледнал карираниот фустан на дамата, кој одамна ги изгубил боите и евтиниот костум на господинот и извикал:
– Кампус?! Дали Вие знаете колку чини еден таков објект. Сите згради на Харвард чинат над седум милиони долари!
Жената молчела една минута, а потоа се свртела кон сопругот и тивко му кажала:
– Толку е евтино да се изгради нов универзитет? Тогаш зошто да не си изградиме свој Универзитет?
Мажот климнал потврдно со главата.
Претседателот на Харвард останал збунет. Господин и госпоѓа Стенфорд станале и излегле од кабинетот.
Во 1891 година во Пало Алто, Калифорнија, железничкиот магнат и сенатор Лиланд Стенфорд и неговата сопруга Џејн Стенфорд основале универзитет во чест на нивниот единствен син Лиланд Стенфорд Џуниор, кој починал во 1884 година, непосредно пред да наполни 16 години. Денес „Универзитетот Лиланд Стенфорд Џуниор“ е познат како „Универзитетот Стенфорд“ или едноставно Стенфорд .
При отворањето на универзитетот Лиланд и рекол на својата сопруга: „Децата на Калифорнија ќе бидат и наши деца“ …