Холандскиот наградуван фотограф Маринка Масеус ја создаде фотосеријата „Под исто сонце“ за да ја подигне свеста за ужасните околности во кои се наоѓаат луѓето со албинизам во Танзанија. Нејзината цел е да ја покаже нивната убавина и да ја сподели пораката за прифаќање и вклучување.
Во Танзанија, кога имате албинизам, се смета дека сте злобни. Има дури и цена за главата на децата со албинизам, бидејќи убиството на лице со албинизам се смета дека носи среќа. Стравот и суеверието околу албинизмот кружат многу долго во општеството на Танзанија. Толку долго што на многу жени кои раѓаат дете со албинизам им е кажано да го убијат бебето при раѓање. Ако одбие, таа и бебето ќе станат отпадници.
На многу деца со албинизам им се негираат најосновните човекови права. Ги учат дека се зло и дека нивното постоење е проклетство. Тие живеат во постојан страв од брутални напади.
Поради убиствата, многу деца со албинизам сега живеат во кампови. Отфрлени и отсечени од нивните семејства, тие живеат одделно од општеството за да бидат безбедни. Тие се осамени, одвоени, скриени, често малтретирани и засрамени.
Освен традицијата, албино децата во Танзанија имаат уште еден непријател. Суровото сонце им предизвикува тешки изгореници и кафеави дамки, поради тоа што нивната кожа и очи се без пигментација. Исто така голем број албино деца имаат рак на кожата. Посветени организации работат напорно за да добијат заштита од сонце за децата.