Со векови децата од Англија пејат и танцуваат на песничката „Лондонскиот мост паѓа“, но кога инженерите откриле во 1900-тите дека мостот навистина паѓа работата била прилично сериозна. Камениот мост бил стар нешто повеќе од еден век, и бил најпрометната точка во Лондон, каде што поминувале 8.000 пешаци и 900 возила секој час.

Истражувачите откриле дека мостот полека тоне- околу една третина од сантиметар секоја година. Кога биле извршени мерења во 1924 година, откриле дека источната страна на мостот е на околу 9 см пониска од западната страна. Уште четири децении поминале пред Градскиот совет да донесе одлука.

Членот на Советот Иван Лукин сугерирал дека наместо да го уништат мостот, тие треба да се обидат да го продадат. Неговиот предлог бил разгледан со недоверба, но по разгледувањето, Советот се согласил дека можат да ги искористат парите и го ставиле мостот на пазарот. Тоа било во 1967 година.

Бидејќи никој не сакал да го купи мостот во Англија, Иван одлучил да замине во Америка и да се обиде да го продаде. На прес-конференција во британско-американската стопанска комора во Њујорк, кога еден новинар прашал што е толку посебно за мостот – мостот, впрочем, не бил ниту стар (изграден во 1832 година), ниту пак имал куќи на него, Иван одговорил: „Лондонскиот мост не е само мост. Тоа е наследник на 2.000 години историја што се враќа во Првиот век од нашата ера, до времето на римскиот Лондиниум …“

Набргу, Роберт Мекалак, бизнисмен од Мисури и сопственикот на McCulloch Oil, го потпишал договорот за продажба за 2.46 милиони долари.

Тој го купил мостот затоа што претходно откупил земјиште во близина на езерото Хавасу во Аризона, но имал проблем да го развие во туристичка дестинација, а сега сметал дека со мостот ќе го надополни она што му недостасува на местото.

Структурата со должина од 290 метри, 33.000 тони била внимателно урната блок по блок, спакувана во контејнери и потоа била пренесена преку Панамскиот канал на Лонг Бич, Калифорнија. Од Лонг Бич, гранитните блокови биле пренасочени на патување од 500 км до својата дестинација. Сето ова го чинело Роберт дополнителни 7 милиони долари.

Потоа започнал комплициран процес на повторно составување на структурата. За среќа, сè било прецизно испланирано. Пред расклопување, работниците внимателно го нумерирале секој камен, така што процесот на реконструкција – иако бавен и макотрпен, кој траел три години, поминал без големи проблеми.

За да се обезбеди дека мостот ќе се справи со модерниот сообраќај, било изградено шупливо јадро од армиран бетон, а над тоа биле поставени старите гранитни блокови. Но, бидејќи во градот Лејк Хавасу немало река мостот бил поставен на копно, а потоа бил ископан канал кој ја донел водата од езерото.

Лондонскиот мост официјално бил отворен на 10 октомври 1971 година, а на раскошната забава присуствувале и специјални гости како на пример градоначалникот на Лондон.

Коцкањето на Роберт Мекалак се исплатело и продажбата на земјиште во градот била зголемена. Населението од само неколку стотици во 1960-тите, достигнало 10.000 до 1974 година. Таа година, мостот привлекол скоро два милиони посетители во новиот град.

Денес Лејк Хавасу е дом на 52.000 жители и Лондонскиот мост повеќе не е сензација, туку едноставно е дел од секојдневните животи на граѓаните.

Сподели на Facebook
пати видено