Со никаква среќа и немајќи каде да се сврти, шеснаесетгодишниот Џон Вилис направил телефонски повик кој ќе му го трансформира животот. Неговиот татко одамна го напуштил, а мајка му одамна почината. Немајќи никаква перспектива, тој почнал да зема стероиди за да се напумпа себеси и да убеди сопственик на клуб во Бостон дека има осуманесет години, и според тоа може да биде исфрлувач. Откако му помогнал на млад азиец наречен Вопинг Џо за време на тепачка во клубот, тој му дал картичка со телефонски број, и му кажал да го сврти ако некогаш му затреба помош.
Неколку дена подоцна, со само 76 центи во џебот, и немајќи каде да преспие, тој го свртел бројот. Само неколку минути по повикот по него дошле две БМВ-а полни со млади Кинези. Во тоа време, сѐ што му требало е само топол оброк и покрив над главата, но десет години подоцна тој ќе стане шеф број два на кинеската мафија, познат под прекарот Бак Гуаи Џон – или Белиот Ѓавол.
Од ФБИ велат дека тој е единствениот белец кој успеал да се вивне во врвот на кинеската мафија, која вообичаено е резервирана само за Кинези и многу ретко се меша со криминални синдикати од други националности. Но, бандата Пинг Он го прифатила светлоокиот Вилис, кој брзо го научил кинескиот јазик во два различни дијалекти – кантонски и тајшански, а покрај тоа научил и виетнамски.
Тој сфатил дека мора брзо да го научи јазикот, не само поради тоа што многу луѓе со кои секојдневно работел не знаеле англиски, но исто така и поради тоа што морал да го знае јазикот за да освојува жени. Така, слушајќи разговори, гледајќи кинески филмови и слушајќи кинеска музика, тој набргу имал доста убедлив кинески акцент. Започнал како ситен рекетар, грижејќи се повисоките рангови во бандата никогаш да не бидат измамени од нивните клиенти. Поради неговата лојалност и трудољубивост набргу се издигнал, сѐ додека не станал главен телохранител на Баи Минг, еден од шефовите на бостонската кинеска мафија.
Според Боб Халоран, кој за неговата книга „Белиот Ѓавол Вилис“ го интервјуирал гангстерот кој сега се наоѓа в затвор, неговата улога била да го проверува автомобилот на Минг за подметнати бомби и да собира пари од коцкарските дувла на подземјето. Тој правел сѐ за да се заврши работата и неговата успешност набргу го донела на позиција да му стане десна рака на Минг. Во тоа време Минг бил шести или седми по ранг, но по неколку апсења и убиства на другите шефови, тој набргу се нашол на чело на кинеската мафија – а Белиот Ѓавол станал шеф број два.
Вилис одлежал затвор во 1990-те и оттаму излегол со врски во трговијата со марихуана. Другите членови на мафијата го предупредувале да не се занимава со дрога, со оглед на тоа што тие своите пари главно ги добивале од коцкарскиот бизнис, салоните за масажа и проституција, но тој продолжил да продава наркотици бидејќи му носеле огромен профит. Наскоро почнал да продава и кокаин, а потоа почнал и со оксикодон, продавајќи на територијата од Флорида до Бостон. Во 2013 година бил фатен и уапсен, по што бил осуден на дваесет години затвор.
Според Халоран, Вилис најмногу жали не поради животите кои ги оштетил како дел од бандата, туку поради тоа што веќе не може да се гледа со својата девојка по потекло од Виетнам и со нејзината ќерка.