Ги знаете оние крилатици од типот „Во Босна немој да пееш, во Србија немој да играш, во Македонија немој ни да играш ни да пееш“, или „Балканци со топло срце“ наспроти „студените западноевропејци“ и сличните стереотипи сосе ајварот, шуробаџанаштината и ситните озборувања на кои сме си навикнати. Но, дали реалноста одговара на тие стереотипи? Прочитајте ја исповедта на една белграѓанка која имала можност да спореди од прва рака.

sv01

„Странците велат дека ние во Србија знаеме зошто живееме, имаме време за себе, за пријателите, за излегување…Да, можеби и имаме време за излегување, затоа што немаме работа! Секогаш ме нервирале изјавите на луѓе кои немаат поим колку е тешко да се преживее во Србија од месец до месец, кога на сметката ќе ви легнат едвај 200 евра. И таа „привилегија“ ја имаат само поединците кои имале среќа да најдат некаква работа. Меѓу нив сум и јас, иако себеси не сметам за среќница…

По завршувањето на студиите по архитектура на факултетот во Белград, долго време барав работа по струка и едвај ја најдов во една агенција. Работев од утро до мрак за некои 25 000 динари (околу 12 000 денари), и тогаш ми пукна филмот и решив да си ја пробам среќата преку граница. Резервирав билет за Стокхолм, го напуштив Белград и набргу се најдов во престолнината на Шведска.

Првото чувство? Многу е студенооо! Откако се снабдив со капа, шал и мапа на градот, тргнав во потрага. Секој ден обиколував друг дел на градот. Имав список на фирми, бироа и агенции кои сакав да ги посетам и да им го оставам своето CV. Некои беа повеќе отмени, други помалку, некои зафаќаа цел спрат на зградата…Но, во секој случај, сите ме дочекаа со раширени раце!!! Не можев да верувам!

sv02

Целосна туѓинка, па дури и Србинка, а знаеме како на нас гледааат во светот, им заѕвони на вратата и сите ѝ отворија? И не само што ме пуштија внатре, туку ме дочекаа со насмевка, сок…Разговараа со мене и ми посветија дел од своето скапоцено време! Мислам дека никогаш до сега не сум се почувствувала толку добро примена, важна, значајна, а две години барав работа во Србија. Додека кај нас наидував на намуртени, нељубезни лица, Швеѓаните беа целосна спротивност!

Кога го завршив првиот ден од мојата потрага, почувствував уште посилна желба засекогаш да си заминам од Србија. Има ли нешто поубаво од тоа кога луѓето ве ценат и почитуваат, прво како човечко суштество, а потоа и како колега? Кога првпат прашав некого на улица да ми помогне да најдам адреса, сите ми излегуваа во пресрет. И кога не знаеја каде се наоѓа нешто, ги вадеа своите телефони и на мапата ми објаснуваа како да стигнам до посакуваното место. Беа љубезни, насмеани, со потполно различен начин на однесување кон странците од тоа на Србите.

За тие седум дена обиколив неколку десетина фирми и бироа, ја оставив својата биографија, запознав прекрасни луѓе и цврсто решив да се преселам со првата можност. По враќањето во Белград сфатив дека сме со децении (ако не и со стотици години) оддалеченост од еманципираната Европа и дека прво треба да научиме да се почитуваме едни други како човечки суштества.

После неколку седмици, ги добив и првите имејли од Шведска. Не би сакала да баксузирам, но среќата можеби конечно ќе ми се насмевне…“
Што мислите вие почитувани читатели, важи ли ова и за нас, Македонците?

Сподели на Facebook
пати видено