Во случај да не сте забележале, светот полуде по апликацијата FaceApp. Луѓето толку се опседнаа со неа што дури изгледа дека им е поважно и од спасувањето на планетата.
Руската апликација покрена и лавина коментари дека ќе ги користи податоците за луѓето во комерцијални па и „шпиунски“ цели.
Но, Исобар Москва и Гринпис ѝ дадоа на контроверзната апликација вистинска цел. Тие ја создадоа фиктивната EarthApp. Тие прикажуваат како ќе изгледаат некои од најубавите места во светот за неколку години доколку не се преземе ништо во врска со глобалното затоплување.
Дијана Волкова од Исобар Москва, истакна: „Климатските промени стануваат потешки и потешки за игнорирање: гледаме како времето се менува, како екосистемите стануваат понестабилни. И кога корисниците ги објавуваат своите ‘остарени’ лица, се појавува прашањето: што ќе се случи околу нас до тој момент? Како ќе се промени светот кога ќе изгледаме како нашите остарени портрети од FaceApp? Се обидовме да покажеме одговори на овие прашања во нашите објави, да ја подигнеме свеста и да повикаме на акција против климатските промени. Ние немаме многу време, но ние сѐ уште го имаме. Време е да се дејствува сега!“
Како FaceApp, иницијативата го привлече вниманието на „инфлуенсерите“ внатре и надвор од Инстаграм, кои помагаат да го шират зборот. Многумина ги споделија мислењата, повикувајќи ги своите следбеници да се приклучат на движењето Гринпис против климатските закани.