Семејството на британскиот турист кој дваесеттина пати бил избоден со нож додека се обидувал да заштити пријателка од жестокиот напад во хостел во Квинсленд решило да ги донира неговите органи. 30-годишниот Томас Џексон настрадал минатата недела помагајќи ѝ на 21-годишната Миа Ејлиф-Чанг, која исто така била прободена таа ноќ во хостелот. Џексон се здобил со најмалку 20 убодни рани во лицето, вратот и градите и во понеделник, шест дена по нападот, им подлегнал на повредите додека неговиот татко стоел крај неговиот болнички кревет.Неговите органи се донираат во обид да се спасат уште повеќе животи, изјавил неговиот татко Лес.
„Колку прекрасно е тоа што тој загина за да спаси нечиј живот, а можеби ќе спаси и уште повеќе. Убаво е да се мисли така“, вели 58-годишниот човек. Тој исто така изразил сочувство и за семејството на убиецот на неговиот син и девојката, 29-годишниот Французин Смаил Ајад.„Во овој миг не чувствувам апсолутно никаков гнев, можеби тоа ќе дојде подоцна. Можеме да минеме низ процесот на оплакување и да излеземе од него како семејство и на крајот можеби да продолжиме понатаму. Но, семејството на Ајад ќе треба да живее со тоа до крајот на нивните животи, и тоа е ужасно.“
Убиецот требало да се одјави утрото на денот на нападот, но поради засега непознати причини, решил да остане уште еден ден.