Овој пловечки град создава своја сопствена енергија и го рециклира отпадот кој го создава. Покрај тоа, осмислен е да ги издржи најлошите природни катастрофи. Дали би можеле да си замислите целиот живот да го минете на море? Или неколку години, или месеци. Ова може да стане реалност доколку се остварат плановите на рускиот архитект Александар Ремизов, од руското архитектонско студио Ремистудио. Градот е целосно отпорен на вода, па така би можел да лебди во океанот. Дизајниран е да издржи поплави, големи бранови, покачување на морското ниво, како и други природни катастрофи.
„Долниот дел на зградата има доволно празен простор за да продолжи да плови. Заоблениот облик ја прави стабилна за време на ветришта и бури. Тоа не е брод и не може да се управува, но може да се влече во посакуваниот правец со помош на брод“, вели дизајнерот.
Градбата е целосно самоодржлива. Создава своја енергија и го рециклира сиот отпад кој се создава внатре. Со помош на заоблените соларни панели на надворешниот дел, се собира максималното количество сончева енергија. Покрај тоа има и генератори на погон на ветер. Сиот отпад произведен од жителите се претвора во уште повеќе енергија. Сиот простор ќе биде исполнет со растенија за освежување на атмосферата и прочистување на воздухот. Под таванот ќе има простор налик на парк, во кој гостите ќе можат да се опуштат.
Се планира основната рамка на градбата да биде изработена со мал број на материјали, со што изградбата на хотелот ќе биде едноставна и евтина.
Ремизов првично го дизајнирал неговиот иновативен хотел за натпреварот на Меѓународното здружение на архитекти за решенија во случај на катастрофи. Ова уникатно прибежиште сѐ уште не е изградно во реалноста, но архитектот се надева дека некој ден во иднината би можел да биде изграден.