Холандија можеби ќе биде првата земја која асфалтот ќе го замени со пластични патишта направени од рециклирани материјали. Една холандска компанија го поплочува патот – и тоа буквално – кон поздрав и поеколошки свет, така што асфалтните и бетонските патишта ги заменува со плочници од рециклирана пластика. Материјалот за патишта во изработка на KWS Infra не само што ќе биде полезен за непосредната околина, така што ќе се намалат јаглеродните гасови кои ги испушта асфалтот, туку на тој начин ќе се намали пластичниот отпад по депониите.
Овој материјал ќе трае трипати подолго од традиционалниот начин на поплочување на патиштата, и ќе може да издржи температури до 80°С. Патиштата ќе се конструираат од различни видови на пластичен отпад, како рецилклирани шишиња за вода и сокови, а ќе се употребува и огромното количество на пластичен отпад кој плови по океаните. Патните елементи ќе се изработуваат во фабрика, и потоа ќе се носат на градилиштата, при што ќе се составуваат како лего коцки. Ваквите патишта полесно ќе се поправаат, бидејќи оштетените делови лесно можат да се извадат и да се заменат со нови.
Во холандскиот град Ротердам оваа идеја се разгледува многу сериозно. Градските власти планираат да го тестираат овој концепт во следните три години. Доколку се покаже како успешен, ова ќе биде една од најголемите револуции во изградбата на патишта во човечката историја.