Холанѓанецот кој спасил стотици деца, Евреи, почина на 107 годишна возраст. Јохан ван Хулст, кој подоцна стана сенатор во Холандија, спасил над 600 млади Евреи во Амстердам за време на Холокаустот.

Тој бил признаен како „Праведен меѓу народите“, титула за не-Евреи кои ги спасиле Евреите од смрт за време на нацистичкиот колеж, во 1942.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се заблагодарил на Ван Холст за време на посетата на Холандија во 2012 година, велејќи му: „Ние велиме дека оние кои спасуваат еден живот спасуваат универзум. Вие спасивте стотици универзуми. Сакам да ви се заблагодарам во името на еврејскиот народ, но и во името на човештвото.“

Тој ги спасил децата додека бил шеф на протестантско училиште што било наспроти градинка што ја користеле нацистите за да ги сместат младите Евреи пред да бидат префрлени во логорите на смртта. Кога имало премногу деца под 12 години тие биле префрлани во училиштето на Јохан.

Ван Хулст потоа воспоставил „генијален систем“ за да скрие некои од децата низ градот, често шверцувајќи ги во вреќи и кошници за перење. Тој не ги пријавувал според документите кои му биле давани од Нацистите. Ако во училиштето префрлале 30 деца, тој на списокот запишувал 25.

Кога почнале да се сомневаат во него инспектор од холандското министерство за образование во 1943 година, го прашал: „Дали тоа се еврејски деца?“, на што Јохан одговорил: „Вие навистина не очекувате да ви одговорам на тоа прашање.“ Инспекторот потоа се ракувал со него и го замолил да внимава.

Во 1945 година морал да се крие затоа што соработник ја открил неговата шема. По војната, тој служел во сенатот помеѓу 1956 и 1981 година. Сепак Јохан секогаш чувствувал дека не направил доволно: „Јас всушност само размислувам за она што не можев да го направам. За оние неколку илјади деца што не можев да ги спасам.“, изјавил тој во 2015 година.

Сподели на Facebook
пати видено