Прерано родено бебе кое престанало да дише било спасено од чувар и медицинска сестра, која во тој момент не била на должност, во супермаркет во Англија. Рони Аукланд се родил 13 недели предвреме и имал бронхитис, кој му предизвикал проблеми со дишењето додека бил со неговите родители во супермаркетот Асда.
Малото бебе, кое е старо само 16 недели престанало да дише. Неговата мајка Тери вели дека брзата ракција на персоналот во супермаркетот му го спасила животот на Рони. „Не можам доволно да им се заблагодарам. Им должам многу затоа што му го спасија животот на моето мало момче.“, вели Тери.
Чуварот во супермаркетот, Шон Валш веднаш се упатил кон детето да му помогне, а му се придружила и медицинската сестра, госпоѓа Франклин, која во тој момент пазарувала. На малиот Рони му било пружено вештачко дишење и употребиле дефибрилатор, кој бил поставен во супермаркетот, а кога пристигнале болничарите тој бил пренесен во болницата.
Валш не требал да работи тој ден, но за среќа на малиот Рони тој ја заменил смената. Шон и Франклин се вистински херои, кои успеале да останат смирени во таква стресна ситуација и да спасат живот.